Sunday, June 21, 2020

ПРОГРАМА ЗА ИЗБОР НА РЕКТОР НА УКИМ ЗА 2020-2023 НА ПРОФ. Д-Р ПЕТАР АТАНАСОВ


Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ - Скопје
Програма за избор на ректор – 2020-2023

Поднесена од проф. д-р Петар Атанасов


НА УКИМ МУ СЕ ПОТРЕБНИ
ЛИДЕРСТВО И ФУНКЦИОНАЛНА ИНТЕГРАЦИЈА
ЗА ДА ГО ВРАТИМЕ МЕЃУ ПРВИТЕ
 1000 УНИВЕРЗИТЕТИ ВО СВЕТОТ


Скопје, 8 јуни 2020 година



КОИ СЕ ПРИОРИТЕТИТЕ НА ОВАА ПРОГРАМА?
Како програмски насоки за дејствување предлагам пет приоритетни области во кои промените би донеле видливи резултати, како на ниво на факултети или институти, така и на ниво на академската заедница во поширок контекст, но и за поголемата вклученост на студентите во дејноста на Универзитетот:

ПЕТ ПРИОРИТЕТНИ ОБЛАСТИ:
·         ВНАТРЕШНО ИСКОРИСТУВАЊЕ НА КАДРОВСКИ И МАТЕРИЈАЛНИ РЕСУРСИ
·         ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА СТАБИЛНО И ПОВЕЌЕГОДИШНО ФИНАНСИРАЊЕ
·         АКТИВНА СОРАБОТКА СО СТУДЕНТИТЕ И ПОДДРШКА НА НИВНИ ПРОЕКТИ
·         ЗНАЧИТЕЛНО УЧЕСТВО ВО ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ И ВМРЕЖУВАЊЕ
·         ПОГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ОПШТЕСТВЕНИТЕ ПРОЦЕСИ И ЕКОНОМИЈАТА

КАДЕ Е УНИВЕРЗИТЕТОТ ДЕНЕС?
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ како субјект никогаш во својата  богата историја не бил во полоша состојба отколку денес. Рејтингот на УКИМ драматично падна за неколку години и наместо да влезе во првите 500 Универзитети, какви што беа ветувањата на овој ректор во претходнот избор за ректор, во овој момент УКИМ има пад од 600 места и е 1600-ти на листата на Webometrics!
Студентите никогаш не биле толку незадоволни од слабиот квалитет на образованието и од својата позиција на Универзитетот. Студентите имаат се помалку волја и надеж дека ќе добијат современ Универзитет со кој ќе може да се гордеат,  Универзитет што ќе им понуди квалитетно знаење и престижни дипломи.
Научната дејност во општеството и на Универзитетот никогаш не била помалку почитувана и никогаш не се вложувало толку малку за наука и за истражувачки проекти. Професорите и научниците се разочарани од внатрешните состојби на УКИМ. Универзитетот не направи ништо повеќе од бирократско третирање на научно-истражувачката дејност а државата речиси и да не финансира научноистражувачка дејност.  
Професорите на УКИМ имаат најниски примања во Европа, а условите за работа никогаш не биле полоши од денес. Наместо да е основен двигател и да се е наоѓа во центарот на општествените напори за побрз развој и за поквалитетен живот, Универзитетот се наоѓа на маргините на општеството, запоставен и заборавен.  
ВРЕМЕ Е ЗА ПРОМЕНИ И ЗА ВРАЌАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО И НАУКАТА, ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА РЕЈТИНГОТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ НА ШАНГАЈСКАТА ЛИСТА НА УНИВЕРЗИТЕТИ,  ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА СТАНДАРДОТ И УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА НА ПРОФЕСОРИТЕ И ЗА ПОДОБАР КВАЛИТЕТ НА СТУДИИ И ПОДОБРИ УСЛОВИ ЗА СТУДИРАЊЕ.  
ЗАЕДНО СО РЕКТОРСКАТА УПРАВА ЌЕ ОБЕЗБЕДАМ ПРОМЕНИ ВО ГЛАВНИТЕ СЕГМЕНТИ НА ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА УКИМ. НАМЕСТО НЕМИ СВЕДОЦИ НА ДЛАБОКАТА КРИЗА ВО КОЈА СЕ НАОЃАМЕ, ЌЕ НАПРАВАМ УКИМ ДА СТАНЕ ДВИГАТЕЛ ВО ОБЛАСТА НА ОБРАЗОВАНИЕТО И НАУКАТА ВО ДРЖАВАТА.

СИТУАЦИЈАТА ВО ПОСЛЕДНИВЕ ГОДИНИ ПОСТОЈАНО СЕ ВЛОШУВА!
Во изминатите 10-15 години Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ требаше, како и се друго во општеството да се стави „под контрола“. Се создаде и конфузија од нови високо-образовни институции, кои, со чесни исклучоци, ниту стекнаа општествена доверба, ниту пак понудија квалитет во својот развој и работење. Се отвораа нови универзитети и се реализираа брзи и површни политички проекти а сето тоа одеше на штета на УКИМ и на квалитетот на високото образование.
Финансиите со текот на годините се намалуваат!
„Политиката“ тврдеше дека УКИМ не треба да бара поголеми финансиски средства од државата, дека има доволно сопствени ресурси. Со исклучок на неколку единечни години, вкупниот буџет за образованието не премина многу над 3.5% од БДП. За разлика од земјите со добри образовни модели каде зафаќањата се околу 5%. Издвојувањата од БДП за научни истражувања се под секој просек – околу 0.02% – 0.04%, но и тие средства се трошат ненаменски. Во многу држави зафаќањата за истражувања и развој се позиционирана на 1% - 3%. Финансиите во образованието секаде се инвестиција за развој а не трошок.
Научно-истражувачката дејност е речиси замрена!
Ако сакаме професорите да публикуваат трудови во престижни научни списанија, мора да се зголемат државните ресурси за наука. Државата веќе една деценија (од 2006) не распишала конкурс за поддршка на научноистражувачки проекти а истовремено големи пари се делат преку различни фондови. Сите други држави во регионот имаа доблест за инвестиции во високото образование и напредуваа во својот пласман на Шангајската листа. Само ние назадуваме! Пред десетина години бевме околу 1000 место а денес сме веќе над 1600 место на Webometrics, додека другите јавни универзитети се многу подолу. Нашиот пад за неколку години изнесува 600 места. Ова е резултат на сите постоечки слабости.
Платите на голем дел од професорите се најниски во Европа!
Со овие професорски плати нема мотивација за нешто повеќе. Платите на професорите на УКИМ, со исклучок на 3-4 факултети, не се многу над државниот просек. Државата на вработените не им го исплаќа законски загарантираното право на минат труд. Дури на 8 единици вработените не го добиваат во полн износ ниту додаток за стаж. На останатите факултети и институти парите од студентите и од применувачката дејност, во најголем дел  се користат за исплата на стажот.  Платите на најголемиот број професори на УКИМ се далеку пониски од платите на други јавни универзитети, кои се рангирани далеку зад нашиот универзитет. Вработените го поддржаа најавеното зголемување од 10%, но не се задоволни од платата, статусот и односот што државата го има кон нивната професија.
ОБРАЗОВАНИЕТО ПОВТОРНО ДА СТАНЕ ДРЖАВЕН ПРИОРИТЕТ!
Образованието мора да се врати во фокусот на јавноста и државниот интерес, пред се, заради подобрување на квалитетот на образованието. Има многу примери во Југоисточна Европа каде помали универзитети од нас (Ниш, Нови Сад, Марибор, Ријека, Русе) многу побрзо напредуваат и си ја остваруваат својата мисија како дел од локалната економија и учествуваат во градењето на новата стварност.
Одличноста во високото образование и научната дејност се создава само со многу повеќе работа и инвестиции. Ќе се залагам за промена на државната стратегија и повисок квалитет во високото образование. Наместо и онака исклучително скромните средства што се одвојуваат за образование да се делат на се поголем број високообразовни институции со што има се помалку средства, државата мора да го преиспита постоењето на дел од образовните институции кои не обезбедуваат квалитет, туку само продаваат дипломи.
Ќе се борам за поголемо финансирање на образованието и науката. Државата треба да издвојува значајно поголеми средства за образованието, кое е основен двигател на развојот во секоја држава. Нема да се помириме со сегашната ситуација и ќе се залагам да се искористат сите демократски средства за промена во третманот на високото образование, особено во сферата на финансирањето. Со други зборови, ако треба заедно со студентите повторно ќе побараме Министерството за образование и Владата да почнат поактивно да соработуваат во планирањето на образованието и науката на сите нивоа. 
Универзитетот има моќ да предизвикува и да предводи општествени промени. Но, некој мора да застане на чело и да ги предводи професорите, а тоа треба да биде првиот човек на Универзитетот. Ректорот нема да бара ништо што е неразумно и нелогично, тој само ќе бара државата за високо образование да издвојува колку што издвојуваат и другите држави од регионот и од Европа. А тоа е многу, многу повеќе отколку што денес Македонија издвојува за своето образование. Ова значајно ќе ја подобри материјалната состојба на УКИМ.
УКИМ со економскиот сектор ќе воспостави долготрајна соработка која ќе овозможи заедничка работа и креативни, иновативни решенија за бизнис секторот и можност за побрз економски развој. Тоа мора да биде апсолутен приоритет што ќе ја постави на соработката на долгорочни основи и со двоен бенефит. За таа цел треба да се формира посебно тело на УКИМ чија основна цел ќе биде секојдневно да соработува со реалниот сектор и да бара модели и начини за зголемување на финансиските средства што УКИМ ќе ги остварува.


1. ВНАТРЕШНО ИСКОРИСТУВАЊЕ НА СИТЕ КАДРОВСКИ И МАТЕРИЈАЛНИ РЕСУРСИ
УКИМ во својата историја растел зголемувајќи ја својата бројност, но во последните 20 години не успева оваа големина да ја претвори во своја предност. Елементите на функционална интеграција треба да се користат за јакнење на капацитетите на Универзитетот. Напротив,  често ректорските раководства интеграцијата ја користеле за јакнење на личните позиции и моќ а не за поголеми придобивки на единиците и нивна поддршка. Универзитетот мора да ја јакне својата внатрешна кохезија и да настапува како еден субјект во битката за целосна автономија и подобри услови за работа. Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ треба да го консолидира и искористи сопствениот академски потенцијал и својата внатрешна поставеност. Потребно е стегнување на редовите и поголема соработка.
1.      За почеток треба да почнеме да дејствуваме поорганизирано и како еден субјект. Како организирана хоризонтална структура, во која професорите, научните работници и студентите треба да ги соединат идеите и енергиите и да дејствуваме во потребните насоки.

2.      Треба да бидеме побрзи, поедноставни и да ги пополнуваме сивите зони. Но, најважно од се е да сакаме да го поддржиме и придвижиме универзитетот како организиран субјект. Кај нас живее и работи најголемата армија на академски работници а често нашите услови за работа се под секое ниво.

3.      Мерливоста на нашата професија треба да добие структурна верификација на начин кој е познат во светот, во еден консултативен процес и партнерски однос со креаторите на образовните политики, како и со другите државни структури, за да ги вопоставиме реалните параметри на нашата работа.

-          Заедно со мојот тим ќе подготвам предлог до Сенатот за усвојување на документ со приоритети за првите 12 месеци од мандатот, првенствено заради идентификување и отстранување на слабите точки на нашиот систем. Преку една отворена дискусија треба да се преиспита нашата визија, нашите цели и приоритети.

-          Сите одлуки на Ректорската управа, Сенатот и комисиите на УКИМ ќе бидат веднаш достапни на порталот на УКИМ. Сите вработени, професори и студенти треба целосно и редовно да бидат информирани за се што се случува на УКИМ, какви одлуки се носат и кој за што е одговорен.

-          Ќе формулираме јасни и принципиелни критериуми за трошење и распределба на средствата кои што единиците ги плаќаат за остварување на интегративните функции на универзитетот, со акцент на максимална транспарентност и отчетност при нивното трошење. Нашите колеги и не знаат како се трошат овие финансиски средства.

-          Веднаш ќе започнам со целосно усогласување со новиот Закон за високо образование, како и промени на Статусот кои ќе обезбедат подемократско управување со Универзитетот и ќе отворат можности за концентрација на квалитет на нашиот производ, Ќе иницирам носење нов Закон за научно-истражувачка дејност и ќе барам поголем фонд за научни истражувања.

-          Ќе работам на функционална интеграција и суштинска децентрализација на Универзитетот. УКИМ треба да биде функционално интегриран универзитет. Промените треба да овозможат, од една страна, функционална интеграција на дел од обврските и надлежностите, но од друга страна, децентрализација во делот на работењето на единиците, особено во управување со сопствени приходи.

-          На ниво на научни подрачја (природно-математички, техничко-технолошки, медицински, биотехнички, општествени и хуманистички науки) ќе предложам формирање на интермедијарни тела. Овие тела би требало да ги усогласуваат нормативите и критериумите согласно заедничките специфики во работењето на единиците со што би се надминале несогласувањата и надгласувањето во одлучувањето.

-          Ќе се залагам за  воведување на неколку нови сегменти во работењето на Универзитетските структури, преку воведување унифициран сметководствен систем, отворање канцеларија за правна помош и канцеларија за помош при јавни набавки.

-          Ќе направиме анализа на постојната состојба со лабораториите и ќе дадеме предлог за искористување на сите универзитетски лаборатории. Лабораториите мора да имаат свој план на работа, особено поради студентите и практичната настава, но и поради потребите на образованието и здравството.

-          Неопходно е издавање весник, како подлисток на Универзитетскиот билтен, во кој ќе бидат објавувани сите можности за соработка. Тука треба да се објавуваат сите тековни приоритети и иницијативи како што е, на пример, процесот што го започна Владата преку Министерство за економија и Министерство за образование за смарт специјализацијата.

2. ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СООДВЕТНО, СТАБИЛНО И СИСТЕМСКО ФИНАНСИРАЊЕ  
Со години односот на државата, но и на пошироката јавност кон високото образование и науката, особено кон УКИМ е незадоволителен – третирани сме како потрошувачи на парите на даночните обврзници, заборавајќи притоа дека сме  „произведувачи“ на вредности за опстојување и развој на целото општество – пред се знаењето. Од политиката сме прогласени за даватели на образовни услуги! Како и за секој производ, процесот на „производство“ на знаење има свои реални трошоци, кои директно влијаат на квалитетот на производот. Оттаму, во однос на државните институции, како и преку сите можни финансиски извори, треба да се избориме за соодветно, стабилно и системско повеќегодишно финансирање. Во процесот на планирање ќе ги истакнеме нашите најгорливи универзитетски, но и проблеми на факултетско ниво. Тука треба да сме конзистентни и да бараме да профункционираат телата дефинирани во Законот за високо образование, најитно да бидат донесени нормативи и критериуми за финансирање на јавните универзитети, како и да започне циклусот на филтрирање на квалитетот.
1.      Поради повеќегодишното недоволно финансирање на Универзитетот, од страна на МОН, единиците беа принудени да ги покриваат трошоците за своето работење од сопствените средства, што најчесто се обезбедуваат од партиципациите и школарините на студентите. Оние факултети за кои постои интерес запишуваа поголем број студенти од реалните капацитети, додека оние кај кои, пак, спецификата на наставата тоа не го дозволува, остануваа без основни средства за работа.

2.      Потребно е да ги видиме слабостите, но и потребите кои ги имаат единиците. Некаде недостасуваат материјали за работа, некаде лабораториите се нефункционални, некаде се потребни инфраструтурни зафати, некаде ургентно недостасуваат наставници, асистенти и административен кадар, некаде се потребни ресурси за меѓународна мобилност, имаме хроничен недостаток на средства за научноистражувачка работа итн. Сето ова доведе до опаѓање на квалитетот на наставата.

3.      Со години немаме можност за  ангажирање и задржување на квалитетните студенти. Не смееме да дозволиме најголемиот дел од добрите студенти да заминуваат во странство. Со тоа остваруваме тројна загуба, го губиме вложеното во нивното образование, го губиме нивниот потенцијал, додека Универзитетот ја губи можноста за квалитетна кадровска обнова. Образованието е сега и овде, притоа, имаме неколку генерации кои студираат денес и тука. Студентите треба да ги имаат истите услови како и на секој просечен европски универзитет.

-          Ќе иницирам започнување редовни годишни консултации со Министерството за образование и Комисијата за образование на Собранието на Република Северна Македонија, заради дефинирање на потребите на високото образование и финансиската конструкција за секоја година. Ќе барам реструктурирање на ставките за високо образование.

-          Ветувам поддршка за помалите единици кои немаат доволно сопствени средства за реализација на основната дејност – наставата и научните истражувања. Особено со ова се загрозени малите факултети и научни институти кои својата образовна и научна дејност ја остваруваат во мали групи, како што се на пример уметничките факултети. Овие предавања се, исто толку, сложени како и предавањата со големи групи. Но, чинат многу повеќе време и пари. Исто и за научните институтите кои немаат доволно ресурси за обавување на својата научно-истражувачката дејност, дејност која им е основна според  закон.

-          Ќе инсистирам на конечно решавање на исплатата на минатиот труд. Овој проблем се провлекува со децении. Речиси сите сектори во општеството и во пониските образовни структури го имаат решено ова прашање. Законското право на минат труд на вработените на УКИМ не смее да се исплаќа од партиципацијата на студентите.

-          Ќе ги поддржам заложбите на синдикатите за законска заснованост на платите на универзитетскиот кадар на сите јавни универзитети, преку потпишување колективен договор. Еднаш мора да се уреди и оваа материја. Не смееме да импровизираме ако сакаме да имаме мотивирани професори. Има огромна разлика во примањата на професорите на различни универзитети за исто звање и позиција.

-          Ќе иницирам изработка на пресметка во која ќе биде дефинирана цената на чинење на студиско место согласно спецификите на секоја студиска програма – стратешки документ со кој УКИМ проактивно ќе влезе во процесот на утврдување на нормативи и критериуми за финансирање на јавните универзитети пред надлежните органи.   

-           Ќе ја зголемам транспарентноста на порталот на УКИМ, особено на одлуките поврзани со финансискиот менаџмент. Ова се однесува како на буџетските средства, така и на средствата од интегративните функции.

-          Иако образование не е бесплатно, особено високото образование, ќе се залагам студентите да немаат парафискални давачки. Ќе барам вклучување на студентите во планирањето на сите процеси и нивно мотивирање за поголема ангажираност.

-          Преку консултации со Министерството за образование и Владата ќе ја адресирам потребата од итно довршување на започнатите инфраструктурни проекти, како и од преземање нови инфраструктурни зафати и набавка на опрема што е неопходно за развој на одредени факултети;

-          Ќе се залагам едниците на Универзитетот да плаќаат минимални средства за интегративните функции особено од обезбедените надворешни проекти. Ова ги демотивира единиците кои аплицираат за надворешни проекти со повисока финансиска конструкција.

3.    ЗАЕДНО СО СТУДЕНТИТЕ ВО ПОДДРШКА НА НИВНИТЕ ПРОЕКТИ
Младите се највредниот потенцијал што го има нашиот Универзитет и мора да направиме сѐ оваа вредност да доживее сестран академски развој. Овој потенцијал мора да се искористи и да се стави во функција на универзитетот. Скоро 30 000 студенти студираат просечно во текот на годината во еден нормален универзитетски циклус на УКИМ. Досега младите беа само структура која не учествуваше рамноправно во планирањето и спроведувањето на образовниот процес и научно-истражувачката дејност. Раководствата на студентите најчесто беа под влијание на политиката и не влијаеа суштински врз подобрување на универзитетското секојдневие. Ова треба суштински да се промени. Студентите треба да си ја преземат својата улога и да учествуваат во подобрувањето на условите и квалитетот на нивното студирање.
1.      Студентите и нивните тела, студентските собранија, мора да станат активни чинители. Ние ќе ги обезбедиме законските услови студентите да си го најдат своето место во животот на универзитетот. Универзитетското студентско собрание веќе има свое раководство и заедно со нивните тела подготвен сум да направиме се за да се променат работите на подобро. Заедно со студентите ќе работиме на реализирање на повеќе проекти и активности.

2.      Треба најитно да ги дигитализираме сите студентски и административни обврски во еден забрзан процес. Некои универзитети веќе го направија тоа. Цел свет е веќе дигитализирам и е он-лајн.

3.      Ќе создадеме услови и атмосфера во кои студентот треба да се чувствува почитуван како партнер и да биде мотивиран за постигнување одлични резултати.  Ова е главна причина за постоење на еден современ универзитет во 21 век.

-          Студентите треба да се вклучат во сите процеси и планирањето на наставниот процес, особено од аспект на нормирање и обезбедување доволен број контакт часови со професор, кои согласно природата на студиската и предметната програма се неопходни за квалитетно совладување на материјалот.

-          Студентите треба слободно да го даваат своето мислење и да ги оценуваат севкупните состојби на Универзитетот. Ќе направиме анализа на давачките кои студентите секоја година ги уплатуваат и истите ќе треба да се стават во функција на студентските тела и активности. Ова е слабост што се провлекува во подолг временски период.

-          Заедно ќе се бориме за интересите на студентите, како што се добивање повеќе финансиски средства за образование од државата и зголемување на студентскиот стандард преку субвенционирање на превозот и исхраната. Секогаш може да се вложи повеќе во студентскиот живот.

-          УКИМ со свои средства ќе ги поддржи студентските натпревари и ќе обезбеди најдобрите студенти да остварат многу поголемо учество за да може да се натпреваруваат на меѓународните студентски олимпијади.

-          Ќе биде обезбедена поддршка од Ректоратот за организирање на студентски научни конференции како и за креирање студентско електронско списание во кое студентите ќе објавуваат свои трудови и ќе ги споделуваат своите ставови и мислења за различни теми.

-          Прифатлива е идејата за отстапување на автономен студентски културен центар на универзитетските кампуси, каде што студентите сами би го организирале и би го користеле овој простор. Ова ќе го збогати нивниот студентски живот и ќе го реши прашањето на организација на нивното слободно време и различни креативни активности.

-          Ќе поддржиме системско поврзување на студентите со Европската студентска картичка, со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, како и со Агенцијата за спорт и млади како обележје на генерацијата Еразмус плус 2021-2027.

-          Средување на читалните и просториите каде студентите учат и ги исполнуваат своите дневни студентски задачи. Ќе овозможиме што поголем пристап до научна и стручна литература а не само снаоѓање преку пиратски сајтови и списанија.

-          Можноста за владеење и работење со студентското радио ќе биде на дневен ред во зимскиот семестар во учебната 2020-2021 година. Доколку има законски можности и не се проблем организациските односи ова ќе биде разгледано и овозможено.

4.  ЦЕЛОСНО УЧЕСТВО ВО ЕУ ФОНДОВИТЕ И АКАДЕМСКО ВМРЕЖУВАЊЕ
УКИМ треба повеќе и похрабро да учествува во научно-истражувачките европски проекти. Ова мора да биде висок приоритет на новата ректорска Управа. Треба да се обезбеди континуирана едукација на сите членки на УКИМ за изработка на проекти (пред се од методолошки и административен аспект). Ова ќе го обезбедиме преку континуирана обука во која ќе учествуваат професори од УКИМ на кои тоа им е професионален интерес. Има огромни можности за учество во меѓународни проекти кои на УКИМ заради инертност, внатрешни административно-бирократски бариери, недоволна информираност и незаинтересираност остануваат неискористени.
1.      Ќе изготвиме стратегија за меѓународна мобилност на нашите кадри во која ќе предвидиме мерки и за зголемување на бројот на академски кадар (студенти и професори од странство) што сакаат да соработуваат со нашиот универзитет и сите единици во него. Исто така, треба да го зголемиме бројот на наши студенти и професори што сакаат меѓународна мобилност и што се подготвени за надградба на своите знаења.

2.      Мораме да посветиме поголемо внимание на дигиталното поврзување со образованието и науката на глобален план. Потребите за ова се огромни, затоа што дигиталната технологија нуди можности какви што немало никогаш порано. Во наредниот период 2021-2027, според информации од Брисел, дигитализацијата во високото образование и наука ќе биде задолжителна во сите поголеми проекти.

3.      Треба веднаш да се посветиме на учеството на УКИМ во преговарачкиот процес. Треба да обезбедиме едукација на тимови професори кои ќе може да учествуваат во сите фази од преговорите со ЕУ (тоа може да се направи во соработка и преку организирање семинари за наши професори со партнерски Универзитети од Хрватска, Словенија, Црна Гора и Бугарија, чии професори имаат практични знаења од преговарачкиот процес). УКИМ треба да се подготви да стане активен партнер на Владата во остварувањето на преговарачкиот процес, кој ќе трае со години и во кој ќе мора да се вклучат најквалитетните кадри со кои Македонија располага (а најголем дел од нив со тесни специјализации се токму на УКИМ). Со ова УКИМ ќе даде голем придонес во остварувањето на стратегиската цел на Македонија - членството во ЕУ.

-          Изготвување стратегија за меѓународна мобилност, заедно со подготвка за дизајнирање фонд за мобилност на студенти и професори што ќе се финансира од меѓународни и европски фондови.

-          Ќе помагаме за што побрзо вклучување во ENQA (European Association for Quality Assurance in Higher Education). Потоа, на база на национална ревизија, може да станеме дел и од EQAR (European Quality Assurance Register for Higher Education). Потребна е и соработка со европските студентски и универзитетските асоцијации во високото образование. 

-          Треба поинтензивно да аплицираме за проекти кај EACEA (The Education, Audiovisual and Culture Executive Agency) која  менаџира финансирање на образование, култура, млади и спорт. Исто така, треба да обезбедиме учество во проекти од Еразмус плус централизирана мерка на Сојуз на знаење (Knowledge Alliance) во кои функционира триаголникот универзитет-истражување-реална економија.

-          Воведување Еразмус потсметки со што секој факултет/институт ќе може самостојно да аплицира за грантови од ЕУ, додека Секторот за меѓународна соработка при УКИМ ќе ја има улогата на координатор.

-          Ќе настојувам да почнеме во соработка со реалниот сектор заедно да аплицираме на проекти од европските фондови. Овие фондови ги користат конзорциуми од универзитети и приватни компании и се компетитивни. Но еднаш мора да влеземе во водата.

-          Подигнување на нивото на веќе постоечка оперативна единка на ниво на Жан Моне (Жан Моне седиште, центар на одличност). Мој предлог е тоа да биде центарот кој веќе беше воспоставен со партнерски организации од Европа а сега се обновува.

-          Зацврстување на соработката со Европската асоцијација на универзитети и учество во нивните рецензентски протоколи, како мерка за подобрување на квалитетот на образованието и транспарентноста на УКИМ.

5.  ПОГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ОПШТЕСТВЕНИТЕ ПРОЦЕСИ И ЕКОНОМИЈАТА
Потребно е да почнеме со искористување на целиот образовен и научно-истражувачки потенцијал на УКИМ. Државата за тоа треба да овозможи поголемо финансирање на истражувачките проекти. Мора да се овозможи на професорите и докторантите особено во трет циклус на студии да се вклучат во научни проекти и публикување на трудови. Потребни се проекти со кои ќе се претставиме пред светот, ако сакаме да се вклучиме во глобалните образовни процеси и да се идентификуваме како нација со мали потенцијали, но со добри резултати. Исто така, потребни се повеќе активности за трансфер на технологии во комерцијалната сфера заради промоција и поддршка на трансфер на знаења меѓу универзитетот и стопанството. Неопходна е соработка со компаниите на полето на знаењата и иновациите, развивање на платформи за технологија меѓу УКИМ и стопанството и развој на научни и технолошки паркови и бизнис инкубатори. 

1.      Нашиот образовен систем не е автономен, ниту е самоодржлив. Истовремено тој е многу малку поврзан со општествените процеси, но и со економската активност на државата. Речиси Универзитетот и општеството и да немаат заеднички точки. Ова мора да се промени во еден циклус на повеќегодишни инвестиции во истражувачката практика.

2.      Потребно е да сме поактивни и помобилни во меѓународните проекти и поинтензивно да аплицираме за надворешни фондови и финансиски средства. Со приближување до европските развојни проекти ќе се отворат многу нови предизвици, кои ќе треба да ги дочекаме подготвени. Што се однесува до истражувачкиот и комерцијалниот дел ќе направиме неколку премостувања и прилагодувања.

3.      Неопходно е факултетите и единиците да ги вмрежиме во пошироките социо-економските страти во домашните сектори.  Универзитетот е истовремено и јавно добро и како такво треба да биде перцепирано од сите во државата, независно од кој сектор доаѓа.  

-          Ќе ги стимулираме единиците кои се бават со образование да внесуваат многу повеќе пракса, додека онаму каде што имаме добра пракса, тие единици треба да ги поддржуваме повеќе да се вклучат и да комуницираат со општествените институции и со реалниот сектор.

-          Ќе креираме понуда за партнерство со државните институции, пред се во насока на практична настава и адаптирање на студиските програми согласно социо-економските потреби. Факултетите и институтите имаат што да и понудат на државните сектори.

-          Треба да го подигнеме степеност на мобилност и комерцијализација кои зависат од многу фактори, ако сакаме да сме дел од третата генерација на универзитети. Нашето вклучување во дизајнирање и производство на нови добра е неопходност во насока на развојот.

-          Заедно со студентите ќе дизајнираме развојни проекти и учество на оние студенти што најмногу ќе работат и ќе сакаат да вложат во своето образование. Вложувањето во човечки капитал е најбрз пат до сопствена професионална кариера.

-          Професорите треба да се активни во јавноста со своите мислења и ставови за разни општествени проблеми, но да се изјаснуваат за севкупните политики и различни општествени прашања од аспект на својата стручност. Треба да се влијае во општеството преку подигнување на нивото на јавна дебата и политичка култура.

-          Потребно е зајакнување на постоечките универзитетски комисии за координирање на истражувањата, можеби и формирање нова комисија што ќе работи во насока на обезбедување на фондови, за поголема меѓународна соработка и за вклучување во меѓународни проекти. За ова ќе бараме поддршка од Министерството за образование.

-          Ќе започнеме циклус на факултативни предавања во средношколските центри. Треба да го споделиме нашето академско искуство и знаење со професорите и учениците и да ги мотивираме идните студенти во нивниот натамошен избор и професионален развој.


* * * * *

Оваа програма има ЈАСНА ВИЗИЈА и ОСТВАРЛИВИ ЦЕЛИ а нејзината УСПЕШНА РЕАЛИЗАЦИЈА и ПРЕДЛОЖЕНИ ИДЕИ зависат само од нашата МОТИВИРАНОСТ и ПОСВЕТЕНОСТ.

               УКИМ Е НАЈОБРАЗОВАНАТА ОРГАНИЗАЦИСКА СТРУКТУРА!                 

УКИМ Е КОМПАКТЕН ЗБИР ОД ОДЛИЧНИ ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ!

УКИМ МОРА ДА БИДЕ МЕЃУ ПРВИТЕ 1000 УНИВЕРЗИТЕТИ ВО СВЕТОТ!

Затоа што високото образование и науката се наша одговорност!

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...