Wednesday, July 1, 2020

ЕТНИЧКИТЕ КОНТРАВЕРЗИ ВО КАМПАЊАТА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ И ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА КАКО ПАРАДИГМА ЗА „ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ“

Не ја следам од минута во минута кампањата за овие парламентарни избори. Но, секако дека главните поенти на денот, или некои значајни изјави ги следам со големо внимание од аспект на мојот професионален интерес. Особено кога се работи за етничките прашања во Р.С. Македонија или повторната „етнизација на политиката“ од страна на две „албански“ политички партии или коалиции.

Еве ги изјавите, или промотивни кампањи на двајца „албански“ политичари, што се причина за овој мој напис, како и моите коментари по овие нивни изјави:

Зијадин Села, лидер на „Алијансата за Албанците“:

З.Села - „Сакаа да не вовлечат во политичката игра наречена општество за сите, но нема да успеат“.

- Господине Села, концептот „едно општество“ не е политичка играрија, туку е веќе усвоена Национална стратегија на државата. Во нејзината изработка учествуваа стотици кадри од институциите на државата и граѓанските организации, од сите слоеви на општеството.

З. Села - „Државата досега беше еднострана, така што е време да се создаде држава за сите, каде што сите ќе се чувствуваат еднакви“.

- Во државата, господине Села, веќе 30 години партиципираат и „ваши“ сограѓани Албанци. Само во Владата на Зоран Заев имате 10 министри. Престанете да ги обвинувате само Македонците, така нема да станете голем политичар! А каде сакате Вие да создадете уште една држава? Во Чаир, во Гостивар, каде...?

З. Села - „Ова не е заедничко општество за сите, илјадници албански деца учат македонски јазик...“

- Велите, господине Села, дека „илјадници“ албански деца учат на македонски јазик. Вие знаете дека ова е ГОЛЕМА ЛАГА. Ова е манипулација, вие не кажувате за вистинските бројки и за сите страни на „случајот “ од Чашка, каде сум бил двапати во изминатите 2 години. Она што е најважно е дека и Вие како и ДУИ сакате албанските деца да учат само на албански, да не знаат македонски, за да можете Вие да ги третирате како „материјал“ за обработка за вашите политички амбиции. Ама и „вашите“ граѓани секојдневно и масовно ја напуштаат оваа држава за која и Вие како политичар сносите некаква одговорност.

Насер Зибери, кандидат за премиер на ДУИ:

Н. Зибери - „Кандидатот за прв премиер Албанец на отворено пред владата побара прифаќање мултиетничка химна, задолжително учење албански јазик во секое училиште почнувајќи од 5-то одделение...“

- За химната господине Зибери - Македонија е унитарна држава и парламентарна демократија и граѓаните и нивните претставници во Собранието одлучуваат за овие прашања. Не Вие, како кандидат! Ова нема да се случи затоа што вам или на некој друг ви се сонило тоа. Почитувајте ја државата која Вас лично ви овозможила многу повеќе од тоа што Вие им го ветувате на Албанците. За образованието - Па каде бевте вие кога ОБСЕ и странските експерти таа и таа година со „Стратегијата за интегрирано образование“ ја „убедуваа“ ДУИ, дека децата Албанци треба да го учат и да го познаваат македонскиот јазик од рана возраст, заради подобра комуникација во општеството. Вашиот сегашен ментор, Али Ахмети, тогаш кажа НЕ!

Н. Зибери - „Според него (Зибери) должност е да создадат општество на шанси, каде етничката припадност повеќе не е ограничување.“

- Со голем дел од ова што го предлагате Вие се залагате за обратното. Со вашите ставови Вие сакате да ја јакнете етничката припадност, така полесно се „владее“ со Албанците, зар не! Во вашите ставови читам желба само за уште поголема „етничка демократија“, уште повеќе етнократија и уште повеќе корупција и клиентелизам. ДУИ ова го специјализираше и досега, но Вие веројатно не сте прателе поради зафатеност со нотаријатските работи. Се сеќавам и на некои „други“ ваши изјави, чинам против демократурата на ДУИ ќе да беа.

Н. Зибери - „Моја работа како премиер е да донесам и имплементирам консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност во 10-те стратешки државни институции, тие да се управуваат заеднички од еден Македонец и еден Албанец, со заеднички права за потпишување.“

- Па кажете отворено дека сакате федерализација, граѓаните да знаат за што се залагате. Кажете дека повторно им нудите национална револуција или можеби контрарареволуција, како ултра левичарите. Има во ДУИ и такви кадри. Дека можеби албанските синови не треба да спијат мирно... во Германија, Белгија, во Швајцарија... Знаете што, господине Зибери, немојте да ги лажете и да ги манипулирате Албанците, ДОСТА БЕШЕ. Кажете им отворено ШТО им нудите и КОИ СЕ вашите реални можности. На многу од Албанците на кои Македонија им е единствен дом и кои ја сакаат искрено оваа држава, можеби нема да им се допадне тоа што го ветувате. На Балканот умре времето на регионални национализми, на лична неодговорност и парадржавни конструкти. Луѓето сакаат да живеат а не повторно да влегуваат во нови Балкански авантури!

Н. Зибери - „Да се стави крај на дуополот на моќта што ја задржа нашата земја заглавена во политички војни и економска регресија.“

- Логиката на оваа реторика на обвинување само на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и не треба премногу да се анализира. ДУИ после 20 години во власта бара уште повеќе власт и контрола и уште повеќе моќ, за да ја „реализира“ својата платформа. На ДУИ одлично им успеваа уцените кон СДСМ во заедничката Влада, па изгледа дека сакаат да продолжат со оваа „тактика“. Добро е што и Албанците и Македонците се уверија во начинот на „владеење“ на ДУИ во сите овие 20 години. Бидејќи им се истроши „програмата“, тие сега газат уште посмело и уште похрабро. Камбекот во политиката на господинот Зибери е изненадување, но веројатно ќе беше добредојден, ако се работеше за нова партија или за некоја „друга“ политичка програма. Ова што Тој и ДУИ го нудат на никого не му е потребно повеќе. За обвинувањата кон дуото (дуополот) СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, многу повеќе прашања господине Зибери треба да им поставите на ДУИ. Прашајте ги нив и за моќта и за политичките војни и за економската регресија. Таму ќе најдете многу одговори на Вашите прашања.

Овие ставови на Зијадин Села и на Насер Зибери не се преголемо изненадување, бидејќи се дел од барањата на секоја етничка платформа, повеќе или помалку. Но, ете, сега испливаа како политичка програма или идеи што се закануваат конечно да се сруши македонското општество или Македонија да се федерализира, јазично или територијално, со сите непредвидливи последици што ќе произлезат од нив. На штета на македонскиот народ и на многу граѓани кои искрено ја сакаат оваа држава. Многумина од нив се Албанци. Среќа што во овој момент интересите на големите држави, стратешки партнери на Македонија, се резолутно против нови „играрии“ на Балканот. А и станавме членка на НАТО, молам!

Уште за време на изработката на Националната стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам се, „чувствуваше“ дека сето тоа не му е по ќеиф на ДУИ. ДУИ започна со нејзин тивок бојкот, потоа со сремежливо појавување во јавноста на некои нивни фукнкционери за време на нејзината промоција, но подоцна и со јасен и спротивен став, особено откако Стратегијата за едно општество беше усвоена и промовирана. На официјалната промоција во Министерството за надворешни работи, пред респектабилен состав и публика, новинарот Сефер Тахири, јавно изјави дека оваа Стратегија не им е по војла на албанските политички партии. На ова се надоврза еден од панелистите, професорката Беса Арифи, дека е тоа така, пред се, заради тоа што ДУИ и некои други политички партии освен национализам, немаат што да им понудат на Албанците.

И така доаѓаме до она што е крајна цел на елаборација на овој текст, главно предизвикан од претходните изјави за време на кампањата за парламентарните избори – Шарената револуција како парадигма за „едно општество за сите“.

„Шарената револуција“ беше најдобриот пример за „едно општество“. Најдобар пример за тоа како треба да изгледа нашето „шарено“ општество. Не дека во оваа револуција не беа присутни етничките елементи или белези (знамиња, банери, јазични пароли) туку процесот требаше да се „вози“ во насока овие етнички разлики да стануваат се помалку значајни во нашата општествена стварност. Шарената револуција се роди и таа го покажуваше патот!

Тројца луѓе се КЛУЧНИ за појавувањето на концептот за „едно општество“ во политиката. Јас како идеен творец на концептот за едно општество (кој во моите научни трудови се појавува уште 2004 година), Рубин Земон како советник во Владата во тоа време и идејна и моторна сила кој го иницираше проектот и, секако, Зоран Заев, кој како политичар го препозна моментот и му даде зелено светло на Рубин Земон да започне процес што доведе до изработка и усвојување на „Националната стратегија за равој на концептот за едно општество и интеркултурализам“.

Ова е еден од најсуштинските документи што државата (Владата) го има во „свои раце“, но во овој важен момент или не го промовира доволно или не знае како да го употреби.

Сега сакам да се задржам на суштинското значење на концептот за „едно општество“ или како што попопуларно е познат како „едно општество за сите“ (од политичката програма на СДСМ на минатите избори). Концептот е настанат, да го парафризам мојот драг колега Рубин Земон (од еден настап на Алфа телевизија), по повеќегодишното истражување на македонското општество од страна на Петар Атанасов (мојата маленкост) и анализите за тоа како конечно да се решат „мултиетничките јазли“ (исто така мој термин) во Македонија и како да започнеме со развој на „едно општество“ во кое етничките разлики нема да имаат доминантно влијание врз општествениот живот кај нас (фала ти Рубин). Во општество во кое нема да е најважно од кој етнички „кампус“ доаѓате, или во кое нема постојано да се делиме на „ваши“ и на „наши“, многу порелаксирано ќе живееме.

Концептот за „едно општество“ во својата базична поставеност бара оваа држава да најде начин на Албанците и на сите што се во Преамбулата (да и на Египќаните), но пред се на Албанците како втор голем популус во општеството, ДА ИМ ГО ПОНУДИ СЕТО ОНА ШТО ГО ИМААТ МАКЕДОНЦИТЕ – ИСТИ ЖИВОТНИ МОЖНОСТИ, ИСТО КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ, ИСТО КВАЛИТЕТНО ЗДРАВСТВО, ИСТ ЖИВОТЕН СТАНДАРД, ИСТИ МОЖНОСТИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И СЕТО ОНА ШТО ЗНАЧИ ЗАЕДНИЧКА ДЕФИНИЦИЈА ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ.

Она што повеќе не смее да се нуди како „лек“ и не ја решава работата е некаква меѓуетничка толеранција и голиот слоган дека сите сме за соживот. Стратегијата за „едно општество“ се заснова на многу поголема КОМУНИКАЦИЈА и СОРАБОТКА меѓу членовите припадници на различни заедници, како и ЗАЕДНИЧКИ АКТИВНОСТИ за изградба на делови од нашето „шарено општество“. Тие што управуваат со државата мора да им понудат и да им овозможат на Албанците и на сите други да бидат дел од нас или заедно со нас мнозинството, во ова исто општество. Доколку се оствари ова, нема да има потреба од политички партии кои на секои избори го дразнат граѓанството со национализам (лев или десен), нема да има потреба од негативен национализам кој само предизвикува реактивни изјави на спротивните табори и повторно не носи во правец на нова авантура која еднаш ја преживеавме во 2001 година. Ако се оствари ова, нема да има потреба од „албански“ политички партии кои агресивно ја наметнуваат својата „кауза“ за „конечно разрешување“ на дилемата „Чија е оваа држава – на Македонците или на Албанците?“ Во еден ваков надетнички развој на општеството, нема да има потреба од „албански“ политички партии кои ЕДИНСТВЕНО се бават со „историските процеси“. Доколку бројот на пратеници на ваквите политички партии во Собранието падне под 5-6 пратеници, тоа ќе значи дека нивната „историска“ мисија е завршена, а нашето општество ќе продолжи во помирни води и во насока на решавање на горливите прашања од секојдневието на граѓаните и нивните семејства.

Не, не велам дека овие политички партии не треба да постојат, особено во презентација на нивните културолошки белези, но тоа е во насока на славење на културните елементи на нивната заедница, а не во насока на рушење на македонското општество. Во овој момент наместо партиите на Албанците да нудат решенија и да се бават со „животот на Албанците“ (и на Македонците и на сите други) тие главно се бават со идејата за „прераспределба“ на политичката моќ во Македонија. Тоа веќе и не се крие, тоа се нивните главни столбови во програмата!

Значи, за ова имам јавно пишувано и говорено, ако државата е инклузивна и се грижи и за Албанците исто како и за Македонците, ако Албанците и другите заедници чувствуваат дека добиваат „исто“ колку што добиваат и Македонците а државата е правична кон нив, тогаш во еден краток период (5-6 години) ќе се намали „потребата“ од политички партии со ексклузивна национална кауза. Од која било провениенција. Тогаш полека ќе згаснат „етничките чекмеџиња“ и на ДУИ и на сите оние што сакаат да се возат на овој „етнички“ карусел.

Насер Зибери, човекот кој одамна е надвор од политиката, се „нафатил“ да промовира една „национална“ платформа на една политичка партија (ДУИ) во која на итар начин се сака да се претстави ДУИ како најголем поборник и борец за правата на Албанците во Македонија. Политичката партија – ДУИ, која веќе 20 години е синоним за корупција и криминал во Македонија, сега на Албанците им „продава“ светла иднина во Македонија. Само уште овие 4-5 работи за кои зборува господинот Зибер (кој е големо разочарување ако се знае неговата професионална кариера и што се оваа држава му „овозможила“) и Македонија ќе ја нема а Албанците во Македонија ќе направат субнација (или мала државичка во самата држава), исто како што направија со општина Чаир – етничко гето, помало или поголемо. Изгледа е најважно да се стават националните симболи, за другото ќе видиме подоцна. А да кажеа нешто за илјадниците вработувања кои ги „реализираше“ ДУИ и кои одеа по партиска вертикала, за стотиците вработени преку ДУИ кои не работеа а земаа плата, за образованието на децата Албанци кое е според квалитетот далеку под нивото на децата Македонци, за масовното иселување на Албанците од Македонија... За ова НИТУ ЗБОР. Зошто па да не, и онака во Македонија сите продаваат ветер и магла и никој во овие две децении не се трудел премногу да обезбеди повеќе демократија и повисок животен стандард за луѓето – за СИТЕ господине Зибери. Се надевам дека не сте го заборавиле вашиот одличен македонски јазик, на оној јазик на кој зборувавте за време на сите оние силни функции кои ги добивавте, вклучувајќи ја и вицепремиерската и министерската.

Уште едно разочарување, за мене лично, во оваа политичка кампања е господинот Зијадин Села, кој е единствен лик на албански политичар со харизма, кој се уште има шанси да и се спротивстави на коруптивната, криминална и клиентелистичка политика на ДУИ. Но, мислам дека тоа во оваа кампања го прави на погрешен начин и со истата реторика со која настапува и ДУИ - етноцентристичката.

Господине Села, во овој момент имате одлична можност и контингентна политичка енергија да пораснете во политичар кој на Албанците ќе им понуди она што им е потребно – живот, работа, образование, а не знамиња и „играрии“. Понудете им го тоа и на Македонците, па може да станете вториот Имер Селмани. Имате време за промена на реториката. Нема да згрешите. На примерот со Имер Селмани Македонците покажаа дека етничката припадност на еден политичар не е неговата најважна карактеристика. Луѓето го ценат интегритетот на личноста и вредностите за кои се бориме. Доколку господине Села не го направите ова, ќе останете мала политичка фигура, која се натпреварува со ДУИ (но и со БЕСА, која одигра одличен потег) на теми кои ДУИ одамна има „докторирано“.

СДСМ направи голем исчекор напред кога во предизборието 2016 година и за време на „шарената револуција“ ги отвори вратите за членови Албанци, но и со формирањето на општински ограноци каков што е оној во Арачиново и неколку други општини со доминантно албанско население. Црвената линија беше успешно премината, а примерите се множеа секојдневно.

Но, СДСМ наместо да продолжи уште похрабро и да работи уште попосветено на рушење на етничките бариери, некако застана. Во тој момент СДСМ (наместо да му помага на ДУИ да преживее), требаше својата партиска Платформа а подоцна и Владина програма да ја реализира за сите граѓани а не само за „своите“ Македонци и Албанци (кои постојано и жестоко беа мета на нападите на ДУИ).

Албанците препознаа во Зоран Заев и Шарената револуција енергија која требаше да ги смени нештата, сите ние да станеме посвесни за нашата сегашност и заедно да работиме за подобро утре. Дека само од нас тоа зависи! Сепак, таа енергија на Албанците за подобар живот, но и на СИТЕ граѓани, дека МОЖЕМЕ ПОИНАКУ, како што поминуваше времето полека се трошеше. Можеби има уште шанси да се вратиме на таа Платформа, но тоа станува се потешко особено со случувањата и настаните на нашата политичка сцена кои од минута во минута постојано влечат наназад и надолу, но никако нанапред.

ВМРО-ДПМНЕ во оваа насока, како важна политичка партија во нашиот политички хабитус, ниту досега направиле нешто или некаков чекор, ниту се обидуваат нешто да поправат. Никола Груевски не успеа тоа да го препознае, оставајќи му го тој дел суверено на ДУИ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не успеа во тоа да „види“ можност што би можел да ја претвори во сопствен политички капитал. Таа партија (полека се јавуваат и други) и натаму игра на македонскиот национализам (не во насока на „македонизмот“, туку во насока на ексклузивен национализам) кој веќе 2-3 пати за триесет години ни донесе и внатрешни проблеми и меѓународна изолација. Ако се разбудат и конечно започнат со некаква политичка програма во која ќе вклучат решенија и за овие многу важни прашања за државата, за кои овде пишувам, можеби ќе имаат шанса да привлечат нови гласачи. Во спротивно ќе се измачуваат и со својата идеологија и со својата иднина како современа политичка партија.

Мислам дека граѓаните се уморија од судирот или политичкиот натпревар СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ и обратно, судир кој трае 30 години а резултатите од тој судир често не се во насока на остварување на стратешките цели на државата. Да не навлегуваме во материјална расправа која партија повеќе „придонела“ за тоа. Важно е што сите сме губитници! Нашите перформанси како држава се очајно слаби и бесперспективни а квалитетот на животот на мнозинството граѓани е далеку од добар. Наредните денови ќе бидеме сведоци на уште една епизода од овој „епски“ судир.

Ете, заради овие прашања јас влегов во политиката (образованието беше најмоќна алатка за намалување на општествената конфликтност и за поголема внатрешна интеграција), за со мојот научен потенцијал, теоретско познавање на оваа област и со резултатите од моите истражувања за етничките односи, ДА ПОМОГНАМ ВО НИВНОТО РАЗРЕШУВАЊЕ. Токму затоа, јас голем дел од моите научни трудови најчесто прво ги објавував на македонски јазик и овде кај нас, затоа што за ова што јас го пишувам никого „не го боли“ ништо надвор од Македонија. Ова се наши „рани“ кои мора со наши сили и знаење, но пред се со многу граѓанска енергија и политичка волја да ги санираме.

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме од тој пат и време е повторно да се вратиме на него, затоа што годините си минуваат а се повеќе млади, но и цели семејства, трајно се иселуваат од Македонија.


Можеби е време за Влада на национален просперитет (СДСМ+ВМРО-ДПМНЕ+СИТЕ-ПАРТИИ-ШТО-БИ-JA-ПОДДРЖАЛЕ) во која еден од трите стратешки столба ќе биде изградба на „едно општество за сите“, онака како што тоа го постулира Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам (оваа Стратегија сега е документ на Владата на Р.С. Македонија и на сите граѓани на државата). Македонија нема подобро „оружје“ од ова за да се спротивстави на матрицата на штетниот национализам (ултра десен или радикално лев). Двата други столба на државата треба да бидат развој на економијата и создавање подобро платени работни места и изградба на демократско општество и институции во служба на граѓаните.

Проф. д-р Петар Атанасов

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...