Saturday, February 8, 2020

РЕКТОРОТ ЈАНКУЛОВСКИ И СТУДЕНТИТЕ НА УКИМ


Според моите информации, ректорот Никола Јанкуловски, вчера (8 февруари), се  сликал во Ректоратот со претставниците на факултетските студентски собранија на УКИМ за време на нивниот прв состанок на ниво на универзитет, по повод изборот на нов претседател на претставниците на студентите. Иако тие слики не се појавија во јавноста, (веројатно ќе ги чува сликите за ректорската кампања, за да се „види“ колку е близок и посветен на студентите), во оваа прилика сакам да го потсетиме ректорот Јанкуловски, на не така дамнешните настани за време на изборот на лидер на Студентскиот парламент.

Датумот беше 1 јули 2016 година. Тој штотуку беше избран за нов ректор на УКИМ. Да потсетам на настаните и на веста:  


„Специјални полициски сили доцна синоќа насила ги влечеа студентите што се спротивставија на изборите за претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ со обвинение дека се лажирани. Во инцидентот има и полесно повредени студенти. Специјални полициски сили се распоредија пред Студентскиот дом во центарот на Скопје и го чуваа седиштето на Студентскиот парламент каде што се броеја гласачките ливчиња на изборите за кои Студентскиот пленум вели дека се лажирани во корист на власта. Во еден момент во зградата упаднаа полицајците од Единицата за брзо распоредување на МВР со полна воена опрема и насила ги влечкаше по земја студентите надвор од зградата, иако тие не пружаа никаков отпор. Само седеа на подот со дигнати раце. Во текот на ноќта, на социјалните мрежи се појавија слики на модринки по рацете на неколку студентки по интервенцијата на специјалните полициски сили.“

Каде бевте тогаш ректоре Јанкуловски? Што правевте во тие 48 часа? Помисливте ли на тоа дека треба студентите на ВАШИОТ универзитет некој да ги заштити? Дали знаевте кои се тие деца, чији синови и ќерки се тие студенти кои се бореа против насилната власт и против изборот на лажен студентски лидер? Која беше вашата улога во целиот тој лажен избор на студентски лидер?  

Знаете ли каде се тие деца денес? Знаете ли дека меѓу децата кои беа влечени од специјалци имаше и студенти од ВАШИОТ факултет? Знаете ли дека дел од тие деца завршија факултети надвор од државата? Вие ги избркавте! Политиката која ВАС ве поддржуваше! Знаете ли дека дел од нив се веќе на докторски студии во Словенија и Германија? Не, не знаете! Затоа што тоа ВАС не ве интересира? Знаете ли кога овие деца ќе се вратат назад, дома?

Сакате ли да ви организирам сликање со тие деца, со кои тогаш не посакавте да се сретнете? Можеби ќе можете да им се извините од име на ВАШИТЕ спонзори? А кога ќе размислам и нема што да им кажете!

Вие би биле најсреќни никој никогаш да не ве праша нешто за тое време? Време на заробена држава и самоволие на власта? Вие лесно се вклопивте во тоа време!  

Производ на тоа време беше и Студентскиот парламент кој беше избран насилно под покровителство на власта. Но, тоа време помина. Не дај боже да се врати. Но, апсурдите ректоре Јанкуловски продолжуваат. И пак се работи за прашање од ВАШИОТ атар.

Сигурно ви е позната и оваа вест од пред неколку денови:

Иако веќе една и пол година Студентскиот парламент при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (СПУКМ) не е претставничко тело на студентите, секој месец на нивната сметка Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) продолжува да плаќа по околу 500 евра. Ова го покажуваат податоците на порталот „Отворени финансии“ според кои по стапувањето на сила на новиот Закон за високо образование во мај 2018 година, со кој СПУКМ формално престанува да биде претставничко тело на студентите, на сметката на оваа организација од буџетот на УКИМ се исплатени скоро 10.000 евра, односно 575 илјади денари. Исплатите се вршат кон крајот на секој месец и изнесуваат околу 36 илјади денари. Последната исплата е регистрирана минатава недела, на 30 јануари, а се плаќало и секој месец од 2019 година.

Новинарите побараа мислење од ВАС за ова, но вие молчите за најважните работи. Или и за ова вината ќе ја насочите кон МОН. Како и во случај со жолтиот синдикат на УКИМ. Само вие да не сте виновен!
Вас ректоре Јанкуловски и тогаш, 2016, и денес, 2020, ве интересира само ректорското столче. Ве интересираат само 3000 евра ректорската плата и ништо помалку од тоа? Во време кога најголем дел од професорите на УКИМ имаат плати кои се најниски во регионот. Ова само срамежливо го споменувате во вашите интервјуа.
Но тоа не е се! Вие на 8 февруари (вчеравечер) се појавувате на едночасовно интервју на Алфа телевизија, очигледно нарачано, не знам по каква заслуга (политичка или пак поради некоја жолчка), и гордо и соопштувате на јавноста дека пак ќе се кандидирате за ректор. Ашколсун!

Но зошто толку брзање ректоре? Има уште три месеци до изборот! Да не не ви оди се според планот?
Петар Атанасов
Редовен професор на УКИМ и член на НАкС

No comments:

Post a Comment

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...