Friday, February 21, 2020

УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ПРЕД НОВ ПОЧЕТОК




Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ никогаш во своето постоење не бил во полоша состојба. Универзитет никогаш не бил толку дистанциран од општествените процеси. Нашиот УКИМ никогаш порано не бил толку немоќен и невлијателен. Едноставно, Универзитетот се втопи во сивилото на нашата секојдневна реалност а статусот на професорите е под секое ниво.

Ова не се случи преку ноќ, и не е случајно. УКИМ требаше, како и се друго во општеството да се стави „под контрола“ (имаше инфлација од законски решенија), затоа што првите критики на владините политики секогаш доаѓаа од овој Универзитет. Секогаш имало професори кои јавно ги искажувале своите ставови за општествените процеси. Така и треба, така и приличи на академската фела. Со нашето знаење ние треба да бидеме дежурната општествена свест.

Меѓутоа, пред десетина години започна непринципиелната Владина критика кон УКИМ дека универзитетот има пари и доволно ресурси кои треба да ги стави во функција на образованиот процес и истражувачката практика. Оттогаш вкупните финансии во образованието, како дел од буџетските средства, се генерално во постојано опаѓање. Со исклучок на неколку единечни години, буџетот не преминува многу над 3.5% од домашниот производ. За разлика од европските земји со добри образовни модели каде зафаќањата се околу 5% и повеќе од тоа. Издвојувањата за научни истражувања се под секој просек – околу 0.02% – 0.04%, но и тие средства се трошат ненаменски. Често во просперитетните држави, пак, зафаќањата за научната и истражувачката дејност е позиционирана на 1% - 1.5%. Веројатно овие проценти се високи, но ние не смееме да останеме на сегашното ниво на финансирање.

Платите на професорите во високото образование се најниски во регионот. Веќе во неколку сектори Владата ги покачи платите. И тоа е за поздравување. Но, со овие професорски плати нема мотивација за нешто повеќе. Универзитетот главно продуцира образование, мала истражувачка практика и многу мала вклученост и влијание во економијата. Платите на професорите на УКИМ, со исклучок на неколку факултети, не се многу над државниот просек. Просечен секторски раководител или советник во администрацијата зема поголема плата. Професорите го поддржуваат најавеното зголемување од 10%, но не се задоволни од статусот и односот што државата го има кон нивната професија. Нема напредок во ниту една сфера без добар универзитет кој по дефиниција ја гради кадровската и развојната компонента во сите сектори.

Научно истражувачката дејност е речиси замрена. Министерството за образование мора да испланира и ангажира средства од својот буџет за научни истражувања. Ако сакаме професорите да се вклучат во поголема истражувачка активност и меѓународна мобилност, мора да се ангажираат повеќе ресурси. Тоа е мал процент од буџетот, но со редовни проектни активности ќе се ангажира цела армија од професори, студенти и докторанти.

Сите други држави во регионот имаа доблест за инвестиции во високото образование и напредуваа во својот пласман на Шангајската листа. Само ние назадуваме и веќе сме над 1600 место како Универзитет, додека другите јавни универзитети се многу подолу. Ова е резултатот на сите материјални, кадровски, технички и други проблеми и промашувања со кои се соочува УКИМ.

Образованието мора да биде апсолутен државен приоритет, преку подобрувањето на квалитетот на образованието на сите нивоа, особено на високото образование. Посебно треба да се поддржи УКИМ како најголем ресурсен центар на државата со кадри во науката, но и со своето индивидуално и колективно референтното искуство.  

Оттука, како насока за дејствување можеби е добро да се позиционираат три приоритетни области во кои промените би донеле подобри перформанси како на ниво на членови на академската фела, така и на ниво на факултет или институт.

Прво и основно, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ мора да ја консолидира сопствената структура и својата внатрешна поставеност. Тоа не значи дека се потребни некакви бирократско-структурни поместувања. Формалните промени одземаат и време и енергија и најчесто не доведуваат до саканата цел. Посебно кај големите организации и системи каков што е нашиот. Доволно е за почеток да почнеме да дејствуваме поорганизирано и како еден субјект. Како организирана хоризонтална структура, во која професори, научници и експерти, треба да ги соединат целите и идеите за да дејствуваме во потребните насоки. Мора да бидеме побрзи, поедноставни, посоработливи, да ги пополнуваме сивите зони. Но најважно од се е да сакаме да го поддржиме и придвижиме универзитетот како субјект. Кај нас живее и работи најмоќната и најголемата армија на академски работници а нашите услови за работа се често под нивото на достоинство. Исто така, мерливоста на нашата професија треба да добие структурна верификација на начин кој е познат во светот, во еден партнерски однос со планерите и финансиерите на државата.

Второ, во однос на државните институции мора да се избориме за стабилно и доволно финансирање. Мора во процесот на планирање да ги истакниме нашите најгорливи универзитетски, но и проблемите на факултетско ниво. Тука треба да сме конзистентни и да бараме да профункционираат телата дефинирани во Законот за високо образование и да започне циклусот на филтрирање на квалитетот. Треба да ги видиме слабостите, но и големите потреби кои ги имаат единиците: некаде фалат материјали за работа, некаде лабораториите се нефункционални, некаде се потребни инфраструтурни зафати, некаде фали ургентно подмладок, некаде се потребни ресурси за меѓународна мобилност итн. Не може со години да не се довршуваат започнатите инфраструктурни зафати. Образованието е сега и овде, имаме неколку генерации кои студираат денес и тука. Студентите треба да ги имаат истите услови како и на секој просечен европски универзитет. Високото образование не е бесплатно, но треба да се избориме цехот да не го плаќаат студентите. Можеби тоа е една од причините што најподготвените веќе аплицираат некаде во светот и се пакуваат за идната универзитетска година.

Трето, нашиот образовен систем не е автономен, многу зависи од надворешни ресурси (најчесто буџетски) и од нашата слаба поставеност во регионални и во европски рамки. Оваа слабост ќе мора да се надмине со тоа што факултетите и единиците ќе ги вмрежиме во социо-економските страти во домашните сектори. Потребно е да сме поактивни и помобилни во европските проекти и посистематски да аплицираме за надворешни финансии. Има многу можности. Со добивањето кандидатски статус ќе се отворат многу нови предизвици кои ќе треба да ги дочекаме подготвени. Што се однесува на УКИМ во однос на истражувачкиот и комерцијалниот дел, треба да направиме две премостувања. Мораме единиците кои исклучиво се бават со образование да ги мобилизираме да внесуваат повеќе пракса, додека онаму каде имаме добра пракса, тие единици треба да ги поддржуваме во поголема вклученост во општеството и во економијата. Се разбира, степеност на мобилност, вмрежување и комерцијализација зависи од многу фактори, но тоа е иднината на третата генерација на универзитети.

Има многу примери во Југоисточна Европа каде помали универзитети од нас (Ниш, Нови Сад, Марибор, Ријека, Русе) многу побрзо напредуваат и си ја остваруваат својата мисија како дел од локалната економија и учествуваат во градењето на новата глобална стварност.

Плановите и целите треба да ги поставиме на маса а реализацијата ќе биде успешна само ако доволно се мотивираме и мобилизираме.

Петар Атанасов, редовен професор на УКИМ и член на НАкС

Saturday, February 8, 2020

РЕКТОРОТ ЈАНКУЛОВСКИ И СТУДЕНТИТЕ НА УКИМ


Според моите информации, ректорот Никола Јанкуловски, вчера (8 февруари), се  сликал во Ректоратот со претставниците на факултетските студентски собранија на УКИМ за време на нивниот прв состанок на ниво на универзитет, по повод изборот на нов претседател на претставниците на студентите. Иако тие слики не се појавија во јавноста, (веројатно ќе ги чува сликите за ректорската кампања, за да се „види“ колку е близок и посветен на студентите), во оваа прилика сакам да го потсетиме ректорот Јанкуловски, на не така дамнешните настани за време на изборот на лидер на Студентскиот парламент.

Датумот беше 1 јули 2016 година. Тој штотуку беше избран за нов ректор на УКИМ. Да потсетам на настаните и на веста:  


„Специјални полициски сили доцна синоќа насила ги влечеа студентите што се спротивставија на изборите за претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ со обвинение дека се лажирани. Во инцидентот има и полесно повредени студенти. Специјални полициски сили се распоредија пред Студентскиот дом во центарот на Скопје и го чуваа седиштето на Студентскиот парламент каде што се броеја гласачките ливчиња на изборите за кои Студентскиот пленум вели дека се лажирани во корист на власта. Во еден момент во зградата упаднаа полицајците од Единицата за брзо распоредување на МВР со полна воена опрема и насила ги влечкаше по земја студентите надвор од зградата, иако тие не пружаа никаков отпор. Само седеа на подот со дигнати раце. Во текот на ноќта, на социјалните мрежи се појавија слики на модринки по рацете на неколку студентки по интервенцијата на специјалните полициски сили.“

Каде бевте тогаш ректоре Јанкуловски? Што правевте во тие 48 часа? Помисливте ли на тоа дека треба студентите на ВАШИОТ универзитет некој да ги заштити? Дали знаевте кои се тие деца, чији синови и ќерки се тие студенти кои се бореа против насилната власт и против изборот на лажен студентски лидер? Која беше вашата улога во целиот тој лажен избор на студентски лидер?  

Знаете ли каде се тие деца денес? Знаете ли дека меѓу децата кои беа влечени од специјалци имаше и студенти од ВАШИОТ факултет? Знаете ли дека дел од тие деца завршија факултети надвор од државата? Вие ги избркавте! Политиката која ВАС ве поддржуваше! Знаете ли дека дел од нив се веќе на докторски студии во Словенија и Германија? Не, не знаете! Затоа што тоа ВАС не ве интересира? Знаете ли кога овие деца ќе се вратат назад, дома?

Сакате ли да ви организирам сликање со тие деца, со кои тогаш не посакавте да се сретнете? Можеби ќе можете да им се извините од име на ВАШИТЕ спонзори? А кога ќе размислам и нема што да им кажете!

Вие би биле најсреќни никој никогаш да не ве праша нешто за тое време? Време на заробена држава и самоволие на власта? Вие лесно се вклопивте во тоа време!  

Производ на тоа време беше и Студентскиот парламент кој беше избран насилно под покровителство на власта. Но, тоа време помина. Не дај боже да се врати. Но, апсурдите ректоре Јанкуловски продолжуваат. И пак се работи за прашање од ВАШИОТ атар.

Сигурно ви е позната и оваа вест од пред неколку денови:

Иако веќе една и пол година Студентскиот парламент при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (СПУКМ) не е претставничко тело на студентите, секој месец на нивната сметка Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) продолжува да плаќа по околу 500 евра. Ова го покажуваат податоците на порталот „Отворени финансии“ според кои по стапувањето на сила на новиот Закон за високо образование во мај 2018 година, со кој СПУКМ формално престанува да биде претставничко тело на студентите, на сметката на оваа организација од буџетот на УКИМ се исплатени скоро 10.000 евра, односно 575 илјади денари. Исплатите се вршат кон крајот на секој месец и изнесуваат околу 36 илјади денари. Последната исплата е регистрирана минатава недела, на 30 јануари, а се плаќало и секој месец од 2019 година.

Новинарите побараа мислење од ВАС за ова, но вие молчите за најважните работи. Или и за ова вината ќе ја насочите кон МОН. Како и во случај со жолтиот синдикат на УКИМ. Само вие да не сте виновен!
Вас ректоре Јанкуловски и тогаш, 2016, и денес, 2020, ве интересира само ректорското столче. Ве интересираат само 3000 евра ректорската плата и ништо помалку од тоа? Во време кога најголем дел од професорите на УКИМ имаат плати кои се најниски во регионот. Ова само срамежливо го споменувате во вашите интервјуа.
Но тоа не е се! Вие на 8 февруари (вчеравечер) се појавувате на едночасовно интервју на Алфа телевизија, очигледно нарачано, не знам по каква заслуга (политичка или пак поради некоја жолчка), и гордо и соопштувате на јавноста дека пак ќе се кандидирате за ректор. Ашколсун!

Но зошто толку брзање ректоре? Има уште три месеци до изборот! Да не не ви оди се според планот?
Петар Атанасов
Редовен професор на УКИМ и член на НАкС

Saturday, February 1, 2020

ЗА ЖОЛТИОТ СИНДИКАТ НА УКИМ


Уште им татни во ушите на многу од професорите и членовите на универзитетот од зборовите на ректорот Никола Јанкуловски дека: „...за ден и пол успеавме да направиме репрезентативност на синдикалната организација на УКИМ“. Инаку целиот процес траел пет дена и за тоа била ангажирана и ректорската администрација (?!?!?!).

Некако, како разбуден од некој сон ректорот со висок акцент апострофираше дека: „...задача на секој ректор е да се грижи за материјално-финансиската состојба на сите вработени на УКИМ.“ Добредојдовте ректоре во нашата реалност!

Како некакво финале сето ова беше заокружено со вербалниот напад на ректорот врз „одредени поединци“ кои, замислете, „се спротивставуваат на волјата и правото на здружување на своите колеги заради остварување на права и заштита на колективните интереси“. За ова тој ја нападна професорката Маја Стевановиќ, од УКИМ, доскорешна претседателка на Независниот академски синдикат - НАкС. Многу храбро ректоре! Речиси непромислено.

Како реакција на ова, во оваа „синдикална“ борба се вклучија уште три професорки, со уште три аспекта на целиот случај. Професорката Мирјана Најчевска, од УКИМ, експлицитно ги цитираше одредбите од Законот за работни односи со кои се забранува мешање на работодавачот во работењето на синдикатот и дека не смее да се искористува администрацијата во структиурањето на синдикатот. Професорката Гордана Попсимонова, од УКИМ, во своето отворено писмо го потсети ректорот Јанкуловски за настаните во изминатите 4 години и неговата невидливост во јавноста додека се случуваше борба за академската автономија по цунамито од измени на Законот за високо образование. Со свои коментари по социјалните мрежи беше присутна и професорката Мимоза Ристова, од УКИМ, која со јавноста сподели неколку факти, меѓу кои финансиите од околу 3000 евра што ги добива како месечен надомест ректорот Јанкуловски, и просечната плата на професорите на државните универзитети кај нас кои се далеку под регионалниот просек. Толку!

Што може на ова да се додаде а што да се одземе?

Ректорот се обиде да се протне низ мала врата и да се докаже како „борец“ за повисоки плати, додека резултатите од неговото „ректорување“ се далеку зад неговата материјална надокнада од државата.

Што направил ректорот Јанкуловски во изминатите години за УКИМ да стане престижен универзитет?  

За разлика од него, и „неговиот“ жолт синдикат, постојат два солидни и солидарни синдикати кои постојано водат јавна битка за подобрување на статусот на професорите и поголеми вложувања во образованието и науката – НАкС и СОНК. Особено што НАкС во изминатиот период понуди и изготви драфт колективен договор за високото образование, со кој многу од клучните елементи во овој степен на образование би добиле некаква стабилна разрешница.

Битката ќе продолжи и во овој десетобој ќе победат професор(к)ите „пленумци“ кои покажаа во целиот овој период дека носат прогресивен потенцијал, стручност и несебично вложување за да мрднеме од дното на кое сме веќе предолго, особено во високото образование. Потребни се промени, пред се, следејќи ги насоките кои се дадени во новиот Закон за високо образование. Тоа треба да се искористи за универзитетот да почне да се управува на подемократски начин, со поголема улога и влијание на повеќе структури и единици. Посебно се големи можностите за вклучување и на студентите.

Сакам да додадам дека УКИМ веќе подолго време е заложник на една самоселектирана група која има влијание врз ректорот кој никако не сфаќа дека времето на контролиран универзитет (или сенат) заврши и дека треба да се искористат можностите и да се ангажираат сите капацитети за УКИМ конечно да ја преземе улогата на пионер и визионер , наспроти предизвиците кои постојат пред еден универзитет од втората генерација.

Многу универзитети во регионот со помали капацитети и ресурси се веќе пред нас. 

Колеги време е за будење, зар не?

Петар Атанасов
Редовен професор на УКИМ и член на НАкС

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...