Wednesday, December 1, 2021

 ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ

(Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“, Петар Атанасов, Бојана Наумовска, Јован Близнаковски, Независен академски синдикат, Скопје, 2021)

Како што истакнавме во воведот на овој документ, дел од истражувањето беше и компаративната анализа на 12 европски држави, вклучувајќи ја и нашата држава: Северна Македонија, Бугарија, Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Холандија, Белгија, Франција, Австрија, Ирска и Естонија. Предмет на анализа беа општите услови за градење академска кариера, потребните квалификации, и условите за работа, вработување, како и можностите за напредување во кариерата. 

Главниот акцент во речиси сите системи е ставен на улогата на академскиот кадар кон развојот на човештвото и современото општество, а соодветно на овој статус му се обезбедува целосна академска слобода и институционална автономија. Академската слобода се однесува на: слобода во реализацијата на наставната дејност, слобода во поставувањето на прашањата за дискусија, слобода во спроведувањето истражувања, дисеминација и објавување на резултатите од нив, слобода во искажувањето на своите ставови во однос на институционалните процеси и актуализирање на воочените проблеми, слобода да учествуваат во професионални или репрезентативни академски тела. 


Во рамките на универзитетите, комбинацијата на настава и истражување често се сфаќа како суштинска и комплементарна карактеристика на институцијата. Академскиот персонал е подеднакво ангажиран во пренесување на знаење преку настава, како и во создавање на ново знаење преку истражување. Сепак се забележуваат одредени разлики, па така, додека традиционалните универзитети честопати ја истакнуваат истражувачката функција на академскиот кадар, новите високообразовни институции, а особено универзитетите за применета наука и колеџите (со ограничен капацитет за истражување) се концентрираат на нивната наставна улога и пренесување на постојните знаења. Така, притисоците на масовните високообразовни системи доведоа до зголемена диференцијација на наставните и истражувачките улоги, наместо до поголема комплементарност. 

Политиката на вработување на наставно-научниот кадар е тесно поврзана со културните вредности, статусот на високото образование и неговото место во државните приоритети и верувањата за тоа кој треба да биде дел од академската заедница, што влијае на начинот на селекција, изборот и процесите на одлучување. Сево ова се случува во услови на силно влијание на пошироките глобализациски процеси, настојувањата за одржување на компетитивност и конкурентност на европскиот и светскиот простор на високото образование. Притоа, вработувањето во високото образование е во директна релација со фундаменталните принципи и сфаќања за универзитетската автономија, отчетноста, транспарентноста, пристапноста и еднаквите можности. Овој процес е нераскинливо врзан со економската состојба на земјата и подготвеноста на државата да ја исполни својата улога во поддршката на високото образование.[Education, Audiovisual and Culture Executive Agency. Eurydice. Modernisation of Higher Education in Europe: Academic Staff 2017. LU: Publications Office, 2017. https://data.europa.eu/doi/10.2797/806308 (пристапено: август 2021)]  

Во најголем број од земјите на европскиот простор, наставно-научниот кадар се вработува на определено време иако не се ретки и случаите за негово постојано вработување со статус на државни службеници. Сепак, дури и во земјите каде што постои таков статус, тој е достапен за определен број кадри − но не и за сите. Државите во Европа поретко развиваат среднорочни или долгорочни национални стратегии за планирање на човечки ресурси во високото образование. Во повеќето земји, вработувањето на наставно-научниот кадар е само во надлежност на високообразовните институции. Во земјите каде што постојат национални стратегии, тие најчесто вклучуваат прашања како што се: родовата рамноправност, бројот на договори за вработување на постојано и на определено време, но и прашања за мобилноста, обуката и професионалниот развој. Дури и во вакви државно регулирани системи, високообразовните институции обично имаат автономија при донесување одлуки во врска со вработувањето на одредени категории академски кадар. 

Во речиси половина од сите европски системи за високо образование, академскиот кадар во јавните високообразовни институции имаат или може да имаат статус на државни службеници, што значи дека ги вработува јавен орган во согласност со прописите со кои се регулира функционирањето на јавната администрација. Статусот на државни службеници е почест во Југозападна Европа отколку во Североисточна Европа. [“Modernisation of Higher Education in Europe: Academic Staff – 2017”. EURYDICE, European Commission. https:// eacea.ec.europa.eu/national-policies/eurydice/content/modernisation-higher-education-europe-academic-staff- %E2%80%93-2017_en (пристапено: август 2021)] 

За да обезбедат одредени стандарди во високото образование, владите можат да наметнат барања за посебни типови квалификации за пристап до некои работни звања. [“Chapter 4. Human resources.” OECD. Benchmarking Higher Education System Performance. Higher Education. OECD, 2019. https://doi.org/10.1787/be5514d7-en (пристапено: август 2021)] За влез на универзитетот најчесто треба да се исполнат два вида услови: прво, соодветна научна оцена, второ, наставна оцена, која се однесува на наставната позиција на универзитетот, стекната преку постапка за назначување спроведена автономно од страна на универзитетот. 

Планирањето на човечките ресурси во високообразовните институции е делумно под влијание и на финансиските регулативи. Сите јавни високообразовни институции, покрај работниот и финансискиот план, изготвуваат и план за развој, додека надлежниот министер ја доставува основата за изготвување на планот. Постојат голем број држави во кои за местото редовен професор се спроведува компетитивна процедура, а многу често процената на академскиот кадар се повторува на секои 5 години. Планирањето и генералното менаџирање на високото образование обично го прави државата преку одредени тела, како што се националните совети. Процесите на акредитација и евалуација се водат од независни тела, што воедно претставува и услов да се биде членка на Европската асоцијација за обезбедување квалитет во високото образование. 

Иако не постојат официјални бројки за сите образовани системи, учеството на жените е најчесто пониско од тоа на мажите. [“Chapter 4. Human resources.” OECD. Benchmarking Higher Education System Performance. Higher Education. OECD, 2019. https://doi.org/10.1787/be5514d7-en (пристапено: август 2021)]

Постојат и примери на држави во кои еден сегмент од високото образование е во надлежност на власта, па така, на пример, во Австрија, Универзитетот на колеџи за образование на наставници е целосно во надлежност на федералната власт. Кадровските работи на овој Универзитет не се независни, туку цело време се усогласуваат со Федералното министерство за образование, наука и истражувања. [“Austria. Conditions of Service for Academic Staff Working in Higher Education”. EURYDICE, European Commission. https://eacea.ec.europa.eu/national-policies/eurydice/content/conditions-service-academic-staff-working-highereducation-1_en - (пристапено: август 2021)]

Стандардите кои се применуваат во високото образование предвидуваат изедначени барања за академскиот кадар во однос на академската титула, образовните квалификации, истражувачките активности, педагошките вештини и професионалното искуство. Кога ги воспоставува минималните барања за наставниот кадар во Франција, образовната институција ги следи барањата поставени од соодветниот документ, меѓутоа може да постави и повисоки барања доколку е потребно. Договорите за вработување на обичниот наставен кадар и истражувачите се склучуваат преку отворен процес на конкуренција со еднакви услови за сите кандидати. Француската академија прикажува многу белези карактеристични за моделот на академија на континентална Европа. Се одликува со многу централизиран систем, со пречки за влез и унапредување, и многу високо ниво на стабилност на работното место. 

Примањата, пак, многу се разликуваат од земја до земја. Тоа може да се види преку чинењето на еден час од работниот ден на еден професор, чија цена се движи од 10-ина евра за редовен професор во регионот кај нас, па од 30 до 60 евра по час за професор во една побогата европска држава. Платите се движат од 1.000 до 2.000 евра во регионот (кај нас платата е убедливо најниска), па од 6.000 до 9.000 евра месечни примања во побогатите држави. [“Professor Salaries from Around the World”. https://academicpositions.com/career-advice/professor-salaries-fromaround-the-world (пристапено: август 2021)] Покрај ова, има многу редовни додатоци во зависност од ангажманот на професорот, но секогаш се присутни и дополнителни буџети, како за истражувања така и за успешност во кариерата.   

Ова е слика на државите кои навистина го вреднуваат академскиот кадар, добро го плаќаат, но и бараат од нив да ги вложат своите потенцијали во развој на општеството. Генерално, размислувањето и стратегијата се дека колку ќе вложите во овој степен на образование, толку повеќе го стимулирате растот и развојот на државата.

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...