Saturday, February 1, 2020

ЗА ЖОЛТИОТ СИНДИКАТ НА УКИМ


Уште им татни во ушите на многу од професорите и членовите на универзитетот од зборовите на ректорот Никола Јанкуловски дека: „...за ден и пол успеавме да направиме репрезентативност на синдикалната организација на УКИМ“. Инаку целиот процес траел пет дена и за тоа била ангажирана и ректорската администрација (?!?!?!).

Некако, како разбуден од некој сон ректорот со висок акцент апострофираше дека: „...задача на секој ректор е да се грижи за материјално-финансиската состојба на сите вработени на УКИМ.“ Добредојдовте ректоре во нашата реалност!

Како некакво финале сето ова беше заокружено со вербалниот напад на ректорот врз „одредени поединци“ кои, замислете, „се спротивставуваат на волјата и правото на здружување на своите колеги заради остварување на права и заштита на колективните интереси“. За ова тој ја нападна професорката Маја Стевановиќ, од УКИМ, доскорешна претседателка на Независниот академски синдикат - НАкС. Многу храбро ректоре! Речиси непромислено.

Како реакција на ова, во оваа „синдикална“ борба се вклучија уште три професорки, со уште три аспекта на целиот случај. Професорката Мирјана Најчевска, од УКИМ, експлицитно ги цитираше одредбите од Законот за работни односи со кои се забранува мешање на работодавачот во работењето на синдикатот и дека не смее да се искористува администрацијата во структиурањето на синдикатот. Професорката Гордана Попсимонова, од УКИМ, во своето отворено писмо го потсети ректорот Јанкуловски за настаните во изминатите 4 години и неговата невидливост во јавноста додека се случуваше борба за академската автономија по цунамито од измени на Законот за високо образование. Со свои коментари по социјалните мрежи беше присутна и професорката Мимоза Ристова, од УКИМ, која со јавноста сподели неколку факти, меѓу кои финансиите од околу 3000 евра што ги добива како месечен надомест ректорот Јанкуловски, и просечната плата на професорите на државните универзитети кај нас кои се далеку под регионалниот просек. Толку!

Што може на ова да се додаде а што да се одземе?

Ректорот се обиде да се протне низ мала врата и да се докаже како „борец“ за повисоки плати, додека резултатите од неговото „ректорување“ се далеку зад неговата материјална надокнада од државата.

Што направил ректорот Јанкуловски во изминатите години за УКИМ да стане престижен универзитет?  

За разлика од него, и „неговиот“ жолт синдикат, постојат два солидни и солидарни синдикати кои постојано водат јавна битка за подобрување на статусот на професорите и поголеми вложувања во образованието и науката – НАкС и СОНК. Особено што НАкС во изминатиот период понуди и изготви драфт колективен договор за високото образование, со кој многу од клучните елементи во овој степен на образование би добиле некаква стабилна разрешница.

Битката ќе продолжи и во овој десетобој ќе победат професор(к)ите „пленумци“ кои покажаа во целиот овој период дека носат прогресивен потенцијал, стручност и несебично вложување за да мрднеме од дното на кое сме веќе предолго, особено во високото образование. Потребни се промени, пред се, следејќи ги насоките кои се дадени во новиот Закон за високо образование. Тоа треба да се искористи за универзитетот да почне да се управува на подемократски начин, со поголема улога и влијание на повеќе структури и единици. Посебно се големи можностите за вклучување и на студентите.

Сакам да додадам дека УКИМ веќе подолго време е заложник на една самоселектирана група која има влијание врз ректорот кој никако не сфаќа дека времето на контролиран универзитет (или сенат) заврши и дека треба да се искористат можностите и да се ангажираат сите капацитети за УКИМ конечно да ја преземе улогата на пионер и визионер , наспроти предизвиците кои постојат пред еден универзитет од втората генерација.

Многу универзитети во регионот со помали капацитети и ресурси се веќе пред нас. 

Колеги време е за будење, зар не?

Петар Атанасов
Редовен професор на УКИМ и член на НАкС

No comments:

Post a Comment

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...