Tuesday, November 23, 2021

КОНТЕКСТОТ ВО КОЈ СЕ ОДВИВА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ  


Од претходните истражувања за универзитетската автономија и за финансирањето на високото образование кои ги спроведе НАкС, добивме сеопфатна слика за состојбите во високото образование и за процесите на унапредување на универзитетската автономија и финансирањето на високото образование, при што произлегоа повеќе заклучоци и препораки кои беа преточени во две монографски изданија. 

Од првото истражување беше потврдено дека во рамките на универзитетската автономија, во сите четири димензии – финансиска, кадровска, организациска и академска, нашата држава може да се пофали дека има позитивни елементи во академската и во организациската автономија, додека послаби се елементите за остварување на финансиската и кадровската автономија (особено пополнување на испразнетите места за академскиот кадар). Бидејќи целосна автономија е единствен патоказ за повисоки академски остварувања, тогаш препорака беше дека работите мора да се менуваат во тој правец. И во првото и во второто истражување заклучоците и препораките беа државата (Министерството за образование и наука) да издвојува повеќе средства за материјалната основа на јавните универзитети и да го зголеми процентот од БДП што се издвојува за научноистражувачка дејност. Исто така, академскиот кадар го постави прашањето на воспоставување систем на мерила што ќе овозможат поправична дистрибуција на буџетски средства меѓу високообразовните установи и нивните единици. 

Второто истражување уште поконкретно навлезе во анализа на финансирањето на високото образование и наука кај нас. Се утврди дека буџетите за образование не се читливи, не се јасни и се неразбирливи за учесниците во образовниот процес. Се утврди и дека нема воспоставени механизми за вклучување на универзитетите и високообразовните установи од страна на МОН; нема никаква суштинска координација меѓу високотo образование и креаторите на буџетите – МОН, Владата и Собранието. Исто така, беше утврдено дека со години од страна на Владата се намалуваат финансиите што се вложуваат во високото образование и науката како процент од БДП и се меѓу најниските во Европа, а буџетот за наука најмногу е трошен на преводи и скапи стипендии за странство. Платите на академскиот кадар се најниски во регионот и постојат значителни разлики меѓу висината на платите меѓу различните универзитети. 

Може да се каже дека повеќегодишните процеси и трошоци на отворање нови универзитети, процесите на масовно студирање и омасовување на високото образование, резултираа со пад на квалитетот на наставата и науката, како и со можностите на државата да го финансира секторот. Иако во мај 2018 година се донесе нов Закон за високо образование, тој бавно се имплементира и тешко се спроведува. Истовремено, законската регулатива за научноистражувачката дејност речиси и да не постои. Имајќи ги во вид сите овие факти, и покрај постоечкиот контекст и познатите состојби, решивме овој проект да го насочиме и да навлеземе посуштински во квалитетот на наставата во високото образование и условите во кои академскиот кадар ја остварува оваа важна општествена функција.

Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“, Петар Атанасов, Бојана Наумовска, Јован Близнаковски, Независен академски синдикат, Скопје, 2021.

No comments:

Post a Comment

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...