Sunday, June 14, 2020

СЕДУМ КАНДИДАТИ ИМААТ ПОДНЕСЕНО ПРОГРАМА ЗА ИЗБОР НА НОВ РЕКТОР НА УКИМ



Како кандидат со поднесена Програма за иден ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, неколкупати и во различни ситуации се обратив преку медиумите до целата јавност, но посебно до колегите професори и студенти за голем број неправилности во самата постапка. Денес, сакам да истакнам еден мал, но многу битен аспект во постапката за избор, што веројатно ќе го изнедри најдобриот кандидат.

Имено, сакам да укажам , или барам од Универзитетската изборна комисија (оваа или некоја следна), во Упатството за избор на ректор да се прецизира дека доколку на конкурсот за нов ректор се јават 5 или повеќе кандидати, изборот за ректор на УКИМ е најдобро да се одвива во ДВА ИЗБОРНИ КРУГА. Во вториот круг да влезат двајцата кандидати кои во првиот круг освоиле најмногу гласови. Со ова ќе се зајакне легитимитетот на целата постапка а на сите кандидати ќе им се гарантира фер и достоинствен натпревар на идеи.   

Ова воопшто не е невозможно, бидејќи и сега е во согласност и со Законот за високо образование и со Статутот на УКИМ. Имено, во член 97, од Законот за високо образование, во став 12 е утврдено дека за ректор е избран кандидатот кој добил најголем број поени на ниво на универзитет. Но, во став 13, се вели дека: постапката за избор на ректор подетално се удредува со статутот на универзитетот. Во член 174 од Статутот на УКИМ, став 5, се вели дека Универзитетската изборна комисија го утврдува: ...начинот на гласање и пребројување на гласовите, резулататот од гласањето... итн.

Значи, во овој Статут на УКИМ, кој се носеше под директна контрола лично на ректорот Јанкуловски, многу неважни работи со изборот на ректор се премногу присутни во голем број на членови, додека самата постапка во случај да се јават 5 или повеќе кандидати воопшто не е уредена. Најмалку што може да направи Изборната комисија е да прецизира во Упатството дека ќе има два изборни круга. Во оваа насока, неофицијално ја споделувам информацијата дека документи за избор на нов ректор на УКИМ имаат поднесено 7 кандидати. Во овој случај, ова мое барање е сосема легитимно.

Позицијата ректор на УКИМ е многу важна доколку ја исполни човек што сака искрено да работи на подобрувањето на функционалната интеграција на универзитетот, но и на севкупното подобрување на квалитетот на високото образование. Особено треба да се зајакне научноистражувачката дејност со повеќе ресурси (веројатно и нов закон) а државата ова да го поддржи како еден од важните стратешки елементи во општеството. На овој начин за неколку години ќе се вратиме на листите на светските престижни универзитети.

Сепак, најпрвин искрено посакувам да се одржат брзи, фер и демократски избори, затоа што во оваа држава имаме суштински важни прашања за решавање. Особено кај нас во високото образование по објавените податоци за стрмоглавиот пад на УКИМ на неколку релевантни светски рангирања.  

проф. д-р Петар Атанасов, редовен професор на УКИМ

No comments:

Post a Comment

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...