Wednesday, May 27, 2020

ОТВОРЕНО ПИСМО ДО СЕНАТОТ НА УКИМ


Како еден од кандидатите кои ќе се кандидираат за ректор на УКИМ (има најава за уште двајца кандидати), барам лично од ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски да овозможи фер и достоинствена постапка (законска и демократска постапка се подразбира, зарем не), затоа што според најавите веројатно ќе присуствуваме на уште еден шверцерски избор на ректор, исто како пред 4 години.
Се сеќавате на насилствата со студентите од пред 4 години и славното бегство од јавно соочување на професорот Никола Јанкуловски со кандидатите за ректор, на дебатата која пред 4 години ја организираше Професорскиот пленум?
Ете тогаш TOJ стана ректор! Кога во оваа држава хараше авторитарниот режим на колегата од Будимпешта.
Ректорот Јанкуловски во изминатите 4 години докажа дека со ништо не ја заслужува оваа престижна позиција на еден од најдобрите Универзитети во државата. Неговото ректорување беше безбојно и неубедливо, во време кога на повеќето единици на Универзитетот им беше потребно лидерство и поддршка во секојдневните предизвици во високообразовната дејност.
Напротив, ректорот Јанкуловски многу често работеше спротивно на Законот за високо образование и се служеше со методи на насилство (ја избрка од работа ревизорката на УКИМ). Ова особено се гледаше во неговиот однос со членовите на проректорскиот тим кои во изминатите 3 години за ништо не ги консултира (со тројца проректори не зборува и не комуницира веќе три години).
Поради сето ова работата на ректорот Јанкуловски во изминатите 4 години придонесе Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од 1100 позиција на Шангајската листа и Webometrics (во времето на поранешниот ректор проф. д-р Велимир Стојковски) да падне на 1600 место, со што речиси и не постоиме на мапата на престижни светски универзитети (ректорот Јанкуловски пред 4 години вети дека УКИМ ќе го внел во првите 500 универзитети на оваа листа).
Исто така, барам од ректорот Јанкуловски да престане да ги злоупотребува органите и комисиите на Универзитетот за мое професионално дискредитирање. Имено, во една постапка за избор во звање на ИСППИ во која и јас учествувам, Комисијата за нормативно-правни работи на УКИМ (под негова директна контрола) испраќа на средина на постапката мислење за повторување на постапката а постапката не е ниту завршена. Ректорот Јанкуловски ја злоупотребува моќта која ја има само за остварување на своите лични желби и за нас нејасни цели.
Изборот за ректор е веќе нерамноправен. Во постапката која деновиве ќе се спроведува на телата на Универзитетот за доставување на Програма и други потребни документи, Ректорската управа во конкурсот дава само 5 денови. За да бидат јавноста и колегите од Универзитетот подобро информирани, на пример, за постапка за избор на декан рокот за доставување програма и документи е 30 денови. Има и најава дека рокот за промовирање на кандидатите и нивната Програма ќе биде минимален и недоволен. Ако се знае дека УКИМ има 23 факултети и 5 научни иснтитути, колку време е потребно за јавна промоција на Програмата.
Истовремено, ректорот Јанкуловски успеа во изминатите 3-4 месеци да се појави на повеќе големи медиуми (неколку национални телевизии), каде „мораше“ да одговора на „тешки“ прашања за состојбите на Универзитетот. Од сите овие негови јавни настапи не разбравме зошто УКИМ во изминатите 4 години на Шангајската листа ( или Webometrics) назадувал за 500 места.
Ректорот Јанкуловски според новиот Закон за високо образование, кој е на сила веќе две години, нема право да раководи со Сенатот на УКИМ. Иако преќутно, од страна на „власта“, му беше дозволено да раководи со Сенатот до крајот на неговиот мандат, тој ова максимално го злоупотребува раководејќи и со Ректорската управа, и со Сенатот и сака уште еден мандат. И за ова ниту една институција во државата не му се спротивстави ниту го санкционира. Навистина не знам со што толку Никола Јанкуловски ја задолжил оваа држава?
Барам, за изборот на ректор да биде со еднакви шанси за сите што ќе се кандидираат:
1. Да бидат испочитувани постапката и временските рокови за избор барем како во постапката за декан (што е пониска позиција од ректорската) и рокот за доставување на Програма и документи да биде 30 денови,
2. Рокот за промовирање на кандидатите да биде 28 работни денови, колку што има единици на УКИМ. Бидејќи е фер и чесно професорите што ќе гласаат да се запознаат со кандидатите и со нивните програми. За првпат во историјата на УКИМ постапката за избор на ректор е преку тајно гласање на сите членови на наставничките и научните совети,
3. Со седницата на Сенатот на која ќе се носат одлуки за постапката за избор на ректор да не претседава ректорот Јанкуловски, затоа што со тоа грубо ќе го прекрши членот 96 од Законот за високо образование кој ова не му го дозволува. Во тој случај цела процедура со избор на сенатската комисија ќе биде незаконска и ќе мора да се поништи.
Затоа, во име на образованието и науката и сите добронамерни и вредни членови на академската заедница на УКИМ, инсистирам постапката за избор на ректор овде да се замрзне.
Потоа, да се изберат новите сенатори (чија постапка за избор е веќе започната) кои ќе изберат свој Претседавач и ќе ја реализираат целосната законска и демократска процедура за избор на нов ректор на УКИМ. Ректорот знае дека мандатот на овој Сенат му завршува на 27 јуни и затоа му се брза изборот на ректор да биде пред овој датум.
За избор на нов ректор има доволно време, затоа што новиот ректор стапува на должност дури на 15 септември. Со подемократска и постапка согласна со Законот за високо образование, ќе се создадат услови и петте научни институти да имаат по двајца сенатори, бидејќи по стариот закон имаа само по еден сенатор. Ова е важно во процедурата, затоа што процентите на освоени гласови на секоја единица се множат со бројот на сенатори.
Сакам да додадам уште две работи:
Прво, доколку ректорот Јанкуловски продолжи насилнички и со сила да ја турка процедурата, јас лично а верувам и другите кандидати за ректор, ќе побарам негова дисквалификација од трката за ректор пред надлежните државни институции, пред се, поради нарушената законска процедура и незаконското постапување.
Второ, неговиот евентуален избор за ректор, во овие услови, ќе значи дека во оваа држава и општество ниту нешто се менува, ниту нешто се движи, ниту пак се подобрува. После тоа, драги мои колеги професори и сенатори и декани и директори на УКИМ, ќе биде доцна за жалби и поплаки по академските кулоари или, пак, пишување на анонимки по медиуми.
Ако на ректорот Јанкуловски, сепак, му успеат сите манипулации и насилнички методи и не овозможи демократска процедура за избор на нов ректор (онака како што е во духот на новиот Закон за високо образование), само едно ќе биде сигурно - УКИМ ќе продолжи да тоне!

Проф. д-р Петар Атанасов,
редовен професор на УКИМ

No comments:

Post a Comment

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...