Saturday, June 6, 2020

РЕКТОРОТ ЈАНКУЛОВСКИ СО СВОИТЕ ПОСТАПКИ ВЕЌЕ МУ НАНЕСЕ ГОЛЕМА ШТЕТА НА УГЛЕДОТ НА УКИМ



Деновиве се дигна голема прашина околу изборот на нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Имаше многу реакции и изјави од различни страни. Со право, затоа што случувањата за и околу изборот на нов ректор покажаа дека работите на УКИМ не се добри. Од она, пак, што се гледа на површината јасно е дека некој за личен интерес е подготвен на се, само и исклучиво за да ги задржи привилегиите што ги носи оваа функција. Вакво понижување на какво што ректорот Јанкуловски го изложи УКИМ во изминатите два месеца е знак дека човекот или го загубил компасот или, пак, дека неговата улога во целиот овој процес е само за да остварува за некои „туѓи бели дворови“ и за „други туѓи имоти“. Овој „синџир железен“ што ректорот Јанкуловски сака да го нанижи околу вратот на Универзитетот е нешто што може да остави трајни последици на иднината на овој наш најстар, најголем и најдобар Универзитет.

Во изминатите недели исклучиво од страна на ректорот, кој е прв човек на Ректорската управа и претседавач на Сенатот, се случуваа две линии на злоупотреби, што се дејствија спротивни на новиот Закон за високо образование. Овој Закон донесен пред две години го обврзуваше во рок од три месеци да ги усогласи подзаконските акти на Универзитетот со новиот Закон. Надлежноста или функцијата Претседател на Сенатот требаше да ја отстапи веднаш по донесувањето на Статутот на Универзитетот, во јуни минатата година, кој чин намерно го одолговлекуваше цела година, заради оваа мала „бравура“. Со тоа прва линија на злоупотреба станаа сивите зони меѓу Законот за високо образование и Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј’. Така, ректорот Јанкуловски во сегашната постапка за избор на ректор им „даде“ само 5 денови за доставување програма и други потребни документи на идните ректорски кандидати (за декан според Статутот е 30 денови, а функцијата ректор е повисока од оваа функција), и само два дена за јавна промоција на програмата на кандидатите (15 и 16 јуни), по завршувањето на сите жалбени постапки. Притоа, во овој процес секоја од единиците на УКИМ мора да има два сенатора (според новиот Статут), право што веќе го имаат сите 23 факултети, но тоа право сега го немаат петте научни институти. Во овој момент научните институти немаат два сенатора затоа што ректорот на УКИМ цела година, противзаконски, не распишува избори за втор сенатор на научните институти. Ако се знае дека освоените гласови и проценти за изборот за ректор од секоја единица се множат со бројот на сенатори, веднаш станува јасно колкава е злоупотребата. А еден од тројцата кандидатите за иден ректор доаѓа од научен институт.
Втората линија на злоупотреба е во врска со Уредбата на владата за вонредна состојба, која ректорот Јанкуловски не ја почитуваше. Тој како претседавач насилнички го натера Сенатот да избере комисија (процедурата траеше 8 часа во зградата на Ректоратот, ВО ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, при што шеесетина професори и студенти мораше да гласаат и да прегласуваат за кандидатите за Универзитетска изборна комисија). Ете, затоа му требаше функцијата претседавач на Сенатот. Исто така, во петокот вечерта Владата, на барање на Независниот академски синдикат – НАкС, ја допрецизира Уредбата и донесе решение да запрат активностите и постапката за избор на ректор на УКИМ. Ова треба да се поздрави, но, сега треба Владата и МОН да ги чекаат и решенијата на Државниот просветен инспекторат и Државната комисија за спречување на корупцијата, тие да ги констатираат воочените и претпоставените прекршувања и на Уредбата на Владата и на Законот за високо образование, но пред се на Статутот на УКИМ. Дури потоа да се продолжи со нова постапка.
Според соопштенето од Владата, бидејќи ВЛЕГУВАМЕ ВО ИЗБОРЕН ПЕРИОД, веројатно изборот за ректор ќе продложи по завршување на изборите и конституирањето на новиот Сенат и изборот на Претседател на Сенат на УКИМ, а целата постапка ќе мора да започне од почеток. Затоа што сега ништо не е како што треба да биде. Бидејќи за ова имаме време до 15 септември, ќе може да се испочитуваат и сите законски и статутарни одредби за избор на ректор кој првпат ќе се одвива на УКИМ според новиот Закон за високо образование, на непосредни и тајни избори и од страна на сите професори и студенти членови на наставничките и научните совети. Токму така, како што е во духот на Законот за високо образование, изборите за ректор треба да се одвиваат во фер и демократски натпревар на програми и идеи.
Уште малку за Статутот. Статутот на УКИМ е подготвен од сегашната гарнитура на чело со ректорот Јанкуловски, кој целосно го водеше овој процес. Автономијата на управување му го дава ова право, кое тој го злоупотребил за лични цели. Во овој случај со непостапување или со нерегулирање и допрецизирање на изборната постапка за ректор. Во Статутот мора да се прецизира дека кандидатурите и програмите за ректор ќе може да се доставуваат во рок од 30 денови (барем колку за декан), дека мора да се остават барем две недели за презентација на програмите на кандидатите и мора да се гарантира некаков процент на излезност. Не може да се избира ректор со 10% излезност. Ако има над тројца кандидати и никој од нив во првиот круг не освои 50% од гласовите, мора да има и втор круг на гласање со двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови во првиот круг. Во овој цел процес на носење на Статутот, ректорот Јанкуловски единствено се залагаше и бараше од МОН и од Владата некој да му „гарантира“ дека ќе ја задржи функцијата на претседавач со Сенатот до крајот на неговиот мандат. Се разбира дека тоа никој не можеше да му го гарантира, најмалку правните одделенија во Владата и во МОН. Он тоа сепак го направи, но еве гледаме деновиве дека поради оваа „мала“ злоупотреба, на што се ректорот е подготвен, оваа мала негова „победа“ да ја проектира и злоупотреби во целиот изборен процес за нов ректор. Доколку продолжеше оваа незаконска постапка со ректорот и не се повтори целата постапка, тоа би било големо прекршување на Законот за високо образование и изигрување на сите надлежни структури за неговото спроведување, но најголема одговорност за ова носат Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат.

             Најдоброто сценарио за УКИМ во овој момент е ректорот Јанкуловски да се повлече од изборниот натпревар, да се консолидираат и да се конституираат новите органи, како што е Сенатот, за да може, да започне еден пристоен изборен процес. Ректорот Јанкуловски со сите постапки во изминатите месеци самиот се дискредитира, но истовремено му нанесе голема штета на угледот на УКИМ и на пошироката академска заедница.

проф. д-р Петар Атанасов, редовен професор на УКИМ

No comments:

Post a Comment

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...