Saturday, June 20, 2020

БРОДОТ НА РЕКТОРОТ ЈАНКУЛОВСКИ СЕКОЈ ДЕН СЕ ПОВЕЌЕ ТОНЕ!

Почитуван ректоре, ОВА НЕ Е отворено писмо до Вас! Немате ама баш никаква обврска да ми одговорите. Камо среќа повторно да почнете јавно да дебатирате со мене, како во февруари, па март... Ќе ви чкртнев нешто на блог, па некој портал ќе преземе, па Вие ќе ми вратите, па јас ќе ви вратев. Па малку тензија...
Веќе два месеца ништо не ми пишувате! Како да сте потонале во некоја бара. Скраја да е! Еве, не мора со мене, дебатирајте со Вуица, со Фили, со Гордана, со Вашиот тим веќе 4 години. Вие можеби и сте заборавиле дека е тоа Ваш тим. Вуица некако ви се одметна. Требаше со него понежно... Знаете за каменот! Нејсе!
Студентите во овој галиматијас од претставки и изјави се уште Ве чекаат да повлечете потег! Да се охрабрите! Да играте поотворено! Искрено, мислам дека очекуваат да се повлечете од оваа УКИМ-ска трагедија! Веројатно веќе немаат ниту желба ниту волја да Ве прашуваат за полицискиот „избор“ на студентски лидер, онаа година, кога Вие храбро седевте во Охрид и водевте жестоки телефонски разговори, па ненаметливо и тивко се појавивте во Ректоратот – таму каде што Ви беше тогаш местото и каде што деновиве недостоинствено про-паѓате. Студентите (и професорите, и јавноста) ги интересира да Ве прашаат само едно: Како успеавте за 4 години од УКИМ да направите пропаднат Универзитет! Ај што паднавме на едната листа за 600 места, па на другата листа паднавме за 300-400 места, ама на онаа листа каде што паднавме за 101 место за една година... Ова навистина не е дозволиво! Па со што ќе излезете на дебата со колегите кандидати за ректор. Или немате намера да дебатирате! Како на минатите избори за ректор, така? Повторно ќе се скриете?
Мене, преку „Вашите“ луѓе во Комисијата за избор на ректор ме оковавте и ми врзавте тегови. Па „летаат“ членовите на Вашиот потесен и поширок тим на советници, па се закануваат, па влијаат врз Комисијата, па толкуваат одлуки на Влада со законска важност, па искривоколчуваат... Еве, дури и да ми се усвои Приговорот, јас оваа постапка ќе ја срушам затоа што, во законите пишува дека изборот за ректор се случува во рок од шест месеци... Мене очигледно ќе ми оставите само еден ден за промоција и презентација. Па нели Ви е малку незгодно! Па и јас сум член на УКИМ, редовен професор, па член на НАкС... Ајде, нема сега да зборуваме за тоа...
Еве, ректоре, почнавте и да криете работи! Фер би било да ја известите јавноста дека за Вашата „улога“ во формирањето на жолтиот синдикат на УКИМ (за што на сите телевизии се исфаливте дека сте го формирале за два дена и дека е репрезентативен) сте прекршочно казнети од трудовата инспекција. Нормално дека имате репрезентативност, кога во него сте го зачлениле целиот Ректорат. Не само што сте прекршочно казнети, туку дури и сте ја платиле казната. Во која банка ја плативте? Колкава казна плативте? Ајде гајрет, со Вашата плата од 4000 евра ова не сте го ни осетиле... За да и биде појасно на јавноста, синдикатот го основаат работниците а не работодавачот!
А сега за она што е најактуелно, Ректоре! Слушам дека деновиве сте повикувале некои од деканите на факултетите на „кафе“. Не само што сте ги повикувале, туку со нив сте „правеле“ и „анализи“ за ставовите на членовите на наставно-научните и научните совети околу изборот на нов ректор. Ве копка кој за кого ќе гласа, нели? Ама Ректоре, ова што го правите е мобинг, ова што го правите е злоупотреба на службената положба и овластување, тоа е трговија со влијанија, можеби и судир на интереси... Нема закон или член што досега не сте го прекршиле со вашите пируети, салта и аксeли! Некој од колегите може да Ве тужи за ова... еден ден...
Еден ден, кога сето ова ќе заврши, ќе се напиеме кафе Јас и Вие. Ќе се посмееме малку за овие и за „оние“ златни времиња. Се сеќавате? Вие ќе ми се јавите, или ќе ми пратите СМС – попладне, навечер, сабота, недела.... Јас заменик министер, вие ректор на УКИМ... па ќе излеземе на кафе, па ќе ја оговараме Владата (добро не сите од Владата, само „некои“). Ееееј, какво задоволство беше тоа! Ректоре, за неколку денови, се навршува точно една година од мојата оставка. Тешка година Ректоре, за мене! Од вас ниту повик, ниту едно СМС-че да пратите... ништо... цела година... за здравје да ме прашате...
А сега за нешто сосема различно! Откако Јас и Вие се „распукавме“ по медиуми пред 2-3 месеци, Вие започнавте по чаршијата да ширите муабети, дека Вашата кандидатура за Ректор е „сигурна“ бидејќи ЕДНА голема партија од Владата стои зад Вас. Демек, имате поддршка „од горе“. Па сте правеле муабет со „важни“ луѓе од Владата. Секаде Ве примале, имате отворена врата! Е па ајде Ректоре, овој Ваш факт да го бетонираме. Еве, заради професорите на УКИМ да можат „полесно“ да се одлучат за кого да гласаат на овие ИЗБОРИ за ректор! Јавно Ве прашувам: КОЈА партија од Владата стои зад Вашата кандитатура? Онаа најголемата или онаа втората - трговската. Сега, кажете КОЈ ве поддржува, Првата или Втората? Или Двете? Ако стварно имате „таква“ поддршка, па дајте да не правиме циркуси од сето ова! Да гласаме и да одиме на одмор! Башка пандемија, па Вие сте доктор по медицина... како убаво раскажувавте за опасниот Вирус кај Мишко... па заедно малку мене јавно ме „оговаравте“... Вие ректоре МОРА да се грижите и за здравјето на... ма какво здравје... има тука приоритети!
Имам уште едно прашање, на кое, исто така, не мора да ми одговорите! Што се случи со Вашата поддршка од ОНАА партија што Ве поддржуваше пред оваа Влада. Па Ве молам, како тоа сте биле два мандата декан на Медицински факултет, па еден мандат ректор... ееееј човече... се сеќаваме на ТИЕ времиња... како се „случуваа“ работите... Па Вие во ТОА време сте постигнале повеќе отколку десетина од нас за цел живот...
Значи, поддршка од Онаа Влада сигурно сте имале. Денес како... се уште ли ве поддржуваат? ТРИ во ЕДНО? Човек да помисли дека воопшто не ви е лесно да жонглирате меѓу сите овие институции и фактори... Вам Ви остана само уште ова второ мандатче за ректор.. Сигурно и МАНУ не ви бега... слушам и таму зачестивте со „кафињата“... Искрено, вакви кадри само мајка Македонија може да тинтра и да толерира. Ова нема врска со углед и со чест... со етичкиот кодекс... со ликот и делото... Ова има врска само со алчност... безгранична алчност... Ме потсетивте на песната на Владо... „Гледам алчност на кило, а топлина ниту на грам.“
А сега нешто лично и персонално. Веќе неколку месеци ректорот Јанкуловски се однесува осветнички кон мојот матичен Институт за социолошки и политичко-правни истражувања. Слушам дека слично е и на еден друг факултет и на еден друг институт. Се започна во оној момент, во февруари чинам беше, кога на Научниот совет кажав пред колегите дека ќе се кандидирам за ректор. Има тука и вратки, подметнувања, но и мали суптилности... нели... Еднаш Ви се јавува директорката на Институтот и Ве замолува за помош и Ве прашува за совет што да прави, бидејќи во Институтот имаше серија на кражби и насилно влегување од страна на арамии.. И Вие што и рековте... „Тоа е Ваш проблем“... Ректоре!?!?!?
А ова следново што се случува и не е баш суптилно. Малку е погрубо!
Почитувани професори, почитувани сенатори, во овој момент ректорот Јанкуловски и неговите гавази во Ректоратот имаат стопирано или блокирано три постапки за избор во звање, во кои јас сум член на комисиите. Две колешки се блокирани за избор во звање за редовен професор, во различни фази од постапките. Во третата постапка за избор во доцент, јас сум прв член на Комисијата. И замислете, единствениот јатак на ректорот Јанкуловски на мојот Институт, во текот на постапката која не е завршена, испраќа претставка до Нормативно-правната комисија на УКИМ и се жали на постапката и притоа бара таа да се поништи. И овие од Нормативно-правната комисија при Ректоратот, со цел памет, остај што воопшто не се надлежни во процедурата, „итно заседаваат“ и „даваат мислење“ што да се прави понатаму. И знаете... ?!?!?
И ми текна! Па тоа е онаа иста комисија, плус генералниот секретар-ка на УКИМ, плус добро нахранетите правни експертчиња во орбитата околу ректорот, што ја СОВЕТУВААТ и ВЛИЈААТ врз Универзитетската изборна комисија како да „најдат начин“, да „најдат било што“, за да ме блокираат да не учествувам во натпреварот за нов ректор на УКИМ. И успеваат... до некаде...
Тажно, многу тажно! Ама не и здодевно!

No comments:

Post a Comment

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...