Friday, November 26, 2021

МЛАД НАСТАВНО-НАУЧЕН КАДАР

(Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“, Петар Атанасов, Бојана Наумовска, Јован Близнаковски, Независен академски синдикат, Скопје, 2021)

Избор на тимот што го пишува овој документ за квалитетот на наставата во високото образование беше да ја започне анализата за квалитетот на наставата со темата за намалување на научниот кадар, односно со недостигот на млад истражувачки кадар (споменато и во претходните истражувања), особено присутен како проблем на универзитетите УКИМ и УКЛО. За време на одржувањето на фокус групите како еден од најголемите проблеми беше потенциран токму проблемот со нередовното примање на млад кадар и заминувањето во пензија на постојниот, што резултира со згаснување на потребни предмети или, пак, замена со несоодветни професори. Во однос на процесот на вработување и покрај тоа што секоја година се доставуваат планови за потребите на факултетите, државата (Министерството за образование и наука и Министерството за финансии) не одговара позитивно на нив. Недостигот од млад кадар е евидентен на сите факултети чии претставници учествуваа во фокус групите. Овој проблем понатаму се протега во повеќе сегменти како што се: поголема оптовареност со вежби на постојните асистенти или преземањето на вежбите од страна на професорите, непостоење на соодветен кадар кој е доволно обучен да ги наследи професорите кои заминуваат во пензија, немање можност за континуитет во наставниот процес, немање можност за континуитет во научната дејност (немање кому да се пренесат знаењата). Секако, овој проблем а најакутен на постарите универзитети, додека кај некои од новите универзитети вработувањата не се толку дефицитарни. Се отвора и проблемот со квалитетот на кадарот што се прима и критериумите што треба да се задоволат во процесот на нивното созревање и унапредување. 


Втор проблем со младиот соработнички кадар е аспектот на мотивираност на најдобрите студенти да останат во државата и да градат академска кариера. Во овој контекст беше истакната висината на асистентската плата од 24.000 денари со која не можат да си обезбедат ни основни услови за живот (особено ако се од друг град), но и условите за работа како резултат на нефинансирање на научната работа (немање можност за учество во проекти во чии рамки би можеле да ги реализираат мерењата кои им се потребни за нивните трудови), како и голема оптовареност во наставниот процес. Многу често најдобрите студенти успеваат да си обезбедат стипендии за дошколување во странство каде ги имаат сите услови за истражување и каде овој процес заради добрите услови трае многу пократко, со што беше потенцирано дека нашата држава ги губи најдобрите кадри. Во овој дел, како најдобро решение за кое испитаниците од фокус групите сметаа дека доцни неколку децении, е простата замена на кадарот кој заминува во пензија, но со можност самите факултети да одлучат каков нов кадар им е потребен, односно работните места да не згаснуваат, но притоа да се има простор за приспособување кон новите научни текови и потреби. 

Третиот проблем се однесува на поддршката за усовршување и напредување на постојниот кадар, примерите се различни, односно тие зависат од финансиските можности на факултетите. Најголем дел од учесниците истакнаа дека нивните единици не ја финансираат школарината за нивните асистенти, иако има и примери каде што се финансира или, пак, каде менторите и членовите на комисиите се откажуваат од сопствениот надоместок за да им помогнат на помладите колеги. Испитаниците потенцираа дека ова е исклучително важно и е од суштинско 7 Така и се случи пред две години кога професорите од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ излегоа во јавноста со изјава дека на нивниот институт со години нема примено ниту еден млад истражувач. Извор „ЈАВЕН ПРОТЕСТ на вработените и студентите од Институтот за хемија при Природноматематичкиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, 11 ч., 22.10.2019 година“. Институт за хемија, Природно-математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. https://ih.pmf.ukim.edu.mk/files/news/ Soopstenie_od_protest_Institut_za_hemija_PMF_UKIM_22_10_2019.pdf (пристапено: август 2021) 12 значење за задржување на најдобрите студенти и покрај сите останати потешкотии со кои се соочуваат, сметаат дека асистентите треба да се ослободат од трошоци за докторски студии. Во овој дел беше истакната и нивната плата, која е под просекот на државно ниво и со која во никој случај не би можеле да си обезбедат ниту пристоен живот, а особено не 5.000 евра за докторски студии. За оваа тема беа истакнати позитивните примери од минатото (пред 20 и повеќе години) каде и за магистерски и за докторските студии младиот кадар бил ослободен од трошоци, а ги реализирале во рамките на проекти, кои тогаш во континуитет се финансирале од страна на државата. Во однос на ова прашање беше потенцирано дека сè додека се нема јасна финансиска платформа наменета за финансирање на млад наставен кадар (како законска материја) не може да има соодветна конзистентност, а тоа во целост влијае на квалитетот на моменталниот и идниот наставен процес. 

Дискусиите во фокус групите беа во насока на задолжително воведување стипендии за наши студенти (докторанди), а не да се издвојуваат огромни суми за да се финансираат нашите студенти за додипломски студии во странство – „Жално е нашите државни фондови да ги трошиме на деца кои ќе одат надвор и никогаш нема да ги видиме, не сме толку богата држава да може да ги финансираме другите држави“. Во однос на доквалификацијата кај постојниот наставен кадар, исто така може да се заклучи дека поддршката од страна на факултетите зависи од нивната финансиска состојба. Факултетите кои можат да издвојуваат сума на годишно ниво, кадарот може да ја користи за учество на конференции, објавување на трудови, објавување на книги. Останатите, пак, за кои факултетите немаат ваква можност, оставени се самостојно да се снаоѓаат. Во однос на доусовршувањата во странство, се потенцираше дека сите се финансирани од странски проекти на кои се добива знаење, но проблемот кој беше истакнат е дека и „кога ќе се вратат во земјата поради немањето проекти и услови за работа, тоа што ќе се стекне како знаење нема каде да се примени, но и нема кому да се пренесе бидејќи нема млад кадар“. 

Согласно овие сознанија, според професорите-учесници на фокус групите едно од најважните прашања на кое треба да му се обрне најголемо внимание е младиот наставен и научен кадар: нивното примање, усовршување, напредување, финансирање на нивни проекти и истражување, поддршка за публикување, како и нивна промоција во значаен и вреден дел од нашата општествена стварност. Затоа што сме сведоци дека најголемиот дел од современото општество се случува преку развој, пред сè, на третата генерација на универзитет – преку настава, фундаментални истражувања и употребата или комерцијализацијата на знаењето. Нашата држава, или оние кои носат одлуки, треба да сфатат дека политиката е моќна и влијателна, но дека универзитетот, науката и знаењето носат развој и прогрес.

No comments:

Post a Comment

  ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ (Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за по...